Вработените и студентите на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, УКИМ, утре во 11 часот пред зградата на Институтот за хемија (долна зграда на Природно-математичкиот факултет, ул. Архимедова бр. 5) во пауза помеѓу предавањата, заедно ќе излезат за јавно да го изразат своето незадоволтво од
условите за работа и студирање, кои во последниве десетина години, како што велат, стануваат сѐ полоши и го доведуваат во прашање нормалното реализирање на
високообразовната и научноистражувачката дејност на Институтот.
– Институтот за хемија се гордее со своето реноме на врвна високообразовна и научно-истражувачка институција што е потврдено со сите параметри за оценка на овие достигнувања, но тоа веќе е неодржливо поради немање неопходни човечки и материјални услови за реализација на наставата и на научните истражувања – велат оттаму.
На протестот ќе биде упатен апел итно да бидат одобрени барањата за вработување на млади соработници од надлежните министерства за ублажување на катастрофалната состојба со подмладок на Институтот за хемија за да може да
се реализира практичната настава. Во буџетот за следната година да бидат предвидени средства за реновирање и опремување на студентските лаборатории, како и средства за реновирање на зградата на Институтот постапно во следните неколку години. Да се предвидат средства за финансирање на научно-истражувачки проекти во кои, покрај средства за работа во лабораторија, ќе биде вклучена и поддршка за млади истражувачи (школарина и стипендија за магистранти и докторанти).
Протестот ќе трае половина час, по што ќе продолжи редовната настава.
– Вработените и студентите на Институтот за хемија ќе продолжат, како и досега,
вредно да работат на своето усовршување, но и понатаму ќе инсистираат на
обезбедување најдобри услови за тоа. Нашата цел е студирањето хемија и
научните истражувања кај нас да бидат на ниво споредливо со светските
универзитети, а квалитетното образование и наука да бидат врвен приоритет
на државата без оглед на моменталната политичка состојба и гарнитура на власт – велат вработените.