Работните групи на власта и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според неофицијалните најави, треба да се состанат утре за да разговараат за реформските закони.
Најголема кочница се очекува да биде Законот за јавно обвинителство со кој се решава судбината на СЈО. Според актуелниот предлог, тоа станува дел од редовниот јавнообвинителски систем, предметите кои се во судска постапка продолжуваат, а за оние кои се покренати по 20 јуни 2017 „бомбите“ нема да се користат како докази. СЈО, предвидено е, да го гони и висока корупција.
Работните групи се составени, таа на власта ќе ја предводи министерката за правда Рената Десковска, а со неа ќе биде и нејзиниот заменик, Оливер Ристовски.
Од страна на ВМРО-ДПМНЕ, пак, официјално не се откриени имињата, но најверојатно нивната група ќе ја предводи адвокатот Тони Менкиновски.
Најмногу пазарење се очекува да има околу кадарот на СЈО бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не се согласува Катица Јанева да го води обвинителството, додека во предлог-законот на власта се предвидува таа да остане на чело уште една година, а потоа да се избере нов шеф, но и таа да има право на реизбор.
Покрај Законот за јавно обвинителство, власта и опозицијата во наредниот период ќе треба да се договорат и за другите реформски закони, како што се тој за Агенција за национална безбедност и за координација на безбедносно-разузнавачката заедница.
Овие два закони утре се на дневен ред и на седницата на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието.