Собранието денеска од 12 часот ќе ја продолжи 110-тата седница на која се расправа за нови членови на Владата односно за избор на двајца министри – Нина Ангеловска и Хисен Џемаили, и за тројца заменици-министри – Кирил Колемишевски, Елизабета Наумовска и Неџад Мехмедовиќ, кои се предложени од премиерот Зоран Заев.
На продолжението на седницата синоќа, која претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина во 22.30 часот, се дискутираше како на седница за пратенички прашања – за „Рекет“, за откупот на грозје и каналите за наводнување, за политичката состојба, законот за јавно обвинителство, платите на наставниците и предвремени избори…
Пратениците од опозицијата продолжија со критики за предлогот на премиерот основачката на Групер.мк, 31-годишната Нина Ангеловска, да биде министер за финансии затоа што, како што посочија, тоа е најсериозна функција во Владата по премиерската.
Тие сметаат дека државната каса ѝ се дава на неискусна личност која нема познавања од јавните финансии и дека е ризично да се експериментира во време на „девастирана економија“ и кога, според нив, „задолжувањето, криминалот и корупцијата се алармантни“.
Во одбрана на предлогот, премиерот Заев одговори дека Ангеловска е успешен менаџер во управување со сложени системи и дека покажала оти прогресивни методи во светот може да се применат кај нас.
– Со вакви пораки и недавање шанса, не ги мотивирате младите да останат и да создаваат тука – им порача Заев на опозициските пратеници.
Ангеловска треба да ја наследи функцијата на Драган Тевдовски кој не е министер за финансии по реконструкцијата на Владата во јуни.
Хисен Џемаили е предложен за министер без ресор задолжен за подобрување на инвестициската клима. Кирил Колемишевски е предлог за заменик-министер за економија, Елизабета Наумовска за заменик-министер за образование и наука, а Неџад Мехмедовиќ е предложен за заменик-министер во новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.