За време на топлотните бранови што ја зафатија нашата земја, здравјето на бебињата и децата може брзо да се влоши. На овие тропски горештини особено треба да внимаваме да не дехидрираме, бидејќи тоа е состојба опасна по животот, особено кај најмалите, затоа треба да внесуваме доволно вода во организмот.
УХМР прогнозира дека денеска и утре максималните температури на повеќе места ќе надминат 35 степени Целзиусови, а утре се очекува да достигнат 40 степени. УВ индексот ќе биде 9. Но, зголемената влажност на воздухот ќе придонесе да имаме чувство дека температурите се повисоки од измерените.
– Возрасните треба да пијат 6 до 8 чаши безбедна вода дневно, децата да пијат вода на секои 20 минути, а бебињата почесто да се дојат, советуваат лекарите од Институтот за јавно здравје на РСМ, и преку веб-страната на оваа институција.
Родителите и лицата кои се грижат за најмалите треба да преземат мерки на претпазливост за на децата да им биде поудобно и да се намалат ризиците по нивното здравје.
Хидрирајте ги Вашите деца
Дајте им чаша вода на секои 20 минути.
Почесто доете го Вашето бебе.
Освежувајте ги Вашите деца често
Во базен или во бања или со туш, најмалку двапати дневно.
Освежете ја кожата со влажна крпа неколку пати на ден.
Заштитете ги Вашите деца од топлина
Облечете ги во лесна облека.
Покријте ја главата со широка шапка.
Никогаш не оставајте ги сами во слабо климатизирана просторија.
Никогаш не оставајте ги сами во затворен автомобил изложен на директно сонце.
Ограничете ги нивните активности на отворено, како што се спортските натпревари и други физички активности во најтоплиот дел од денот.
Планирајте активности на отворено пред 10 часот и по 16 часот. Кога топлината е помалку интензивна и УВ зрачењето е помало.
Возрасните често да се освежуваат
- Бидете добро хидрирани. Пијте 6-8 чаши безбедна вода дневно.
- Често туширајте се, за да се лади телото.
- Поминувајте најмалку 2 часа на ден во климатизирани места (библиотеки, трговски центри и сл.).