Утре завршни зборови во “Тенк” и рочишта за “Тендери” и “Toтал”

171

Во кривичниот суд утре продолжуваат судењата за случаите на СЈО „Тенк”, „Tендери” и „Toтал”.

Во случајот „Тендери” првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска – Милевска. На претходното рочиште се преслушаа пет разговори кои СЈО ги предложи како доказ. Во наведените разговори се слушна како поранешната министерка за култура Канчевска –Милевска му ветила тендер за градење на „Музејот на ВМРО“ на директорот на компанијата Бетон од Штип. Второобвинетиот и третообвинетиот во овој случај се членовите на Комисијата за јавни набавки.

Во случајот „Тенк“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, а се однесува на спорниот начин на набавка на скапо возило – „мерцедес“. На претходното рочиште Никола Груевски и Ѓоко Поповски ги повлекоа предлозите да дадат усна одбрана а судијката Добрила Кацарска им порача на адвокатите да подготват завршни зборови.

Утре ќе продолжи и судењето за предметот „Toтал”, во кој се товари новинарот Драган Павловиќ Латас за даночно затајување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...