Знам дека уживаме кога не сме последни во убавите или први во лошите работи. Тоа ни е некаква утеха што ги храни не само нашите суети туку, по малку, и нашите надежи, мечти … што ли … дека сепак не сме најлошите, дури и по цена да не сме најдобрите. Иако, се разбира, сме биле и последни и први во многу категории ама тие моменти сакаме бргу да ги заборавиме. Во тоа ни помагаат и медиумите. На пример, иако сме први по загаденост во Европа, не сме први во светот туку сме – четврти, или дури петти! Браво, кој ќе чести, Дураки или Макрадули? Какво големо задоволство е тоа да не си прв во светот по лошите нешта! Европа? Па таа е мачкина кашлица во споредба со светот. Та нели Гоце сакаше да се споредува токму со светот, а не само со Европа? И ќе престанат ли веќе оние невладинине со тоа „не се дише“ па „не се дише“? А што да кажат оние во првите три-четири најзагадени градови во светот? И засадиле ли воопшто тие тоооолку милиони садници колку што засади кај нас певецон и останатата багра што се бавеше со таа „проблематика“ во изминативе години? И потрошил ли некој толку многу пари во светов, и време – одработено во саботите, се разбира – како кај нас за една цела деценија посветен арамилак околу дотичната „проблематика“ (со која што, патем, изгледа никој не се занимава иако една садница чинеше едно евро, па вие пресметајте колку милиони евра се тоа!)? Можеби во тоа сме први во светот? Којзнае.
Или, еве пишуваат дека само во Германија – еееј, Германија – на 467 лица, додуша неонацисти, не им се знае трагата иако за нив има готови налози за апсење. И што прави германската полиција, ако смеам да прашам: спие, медитира, дискутира, додека низ земјата им се кријат неонацистите? А ако ги вброиме тука и вистинските, оние асли-нацисти од Втората светска војна кои никогаш вистински не се сретнаа со правдата, колкава ќе стане таа бројка? А ние? Ни избегаа само тројца, плус знаеме каде се, и пак толкава фрка како да е тоа којзнае што! Па ене ги, во соседството, можеме да си ги земеме кога ќе посакаме. Кога? Кога волон кај „Пеко“ ќе стане бик!
Или, на пример, јас минатиот пат запнав зошто селскион кавадаречки итрец и „културен“ работник (во слободно време, разбира се) и неговиот пајташ-ебиветар со ефбиај покритие (и промотор на други ебиветри, во слободно време, се разбира) молчеле цели 23 години за „вистинските“ организатори на атентатот над Глигоров. Па конспирација богати, циа, ефбиај, мосад … се разбира … плус беше режим (иако и двајцата итромани се усмрдуваа во иста лејка со режимлиите) … сега е слободија и секој може да треска глупости „до миле воље“. А ние, барем во тоа, сме навистина први во светот! Размерите на македонската глупост се сериозно „величенствени“. И ненадминати. Плус, што одите погоре, во оние „високи“ политички кругови – тоа станува подобро! Но, од друга страна, запнаа, меѓу другите и јас, зошто сега, зошто вака а не онака, па докази, па ова-она. А Кенеди? А Далас? Откри некој нешто, зашто жртвеноно јагне викано Ли Харви Освалд очигледно беше стокмено за кланица многу поодамна? А оттогаш поминаа трипати по 23 години и – никому ништо. А ние, ем луѓево ни откриваат сензитивни тајни, ни ги даваат што се вели „на тацна“, ем не ни чини. Вклучувајќи ме и мене, кој ужива во такви стратешки селско-итромански заговори и останати простачко-државнички мистерии. Да се паметни американците, ко што не се, нели, па да ги викнат двајцава итромани да им ја истражат најголемата државна мистерија наречена „атентат Ченеди“, па кавадаречкион нобеловец да стегне еден роман со документаристички пристап, плус сценарио за филм, долгометражен, се разбира, па да опнеме една копродукција со Холивуд, можеби во режија на скопскион врбовиден кодош – чисто заради соодветна кодошка атмосфера – па еден господ да нѐ види! Па да се вклучат Фондот, Министерството, Владата, можеби оние тајни и јавни служби под контрола на фикусон (зашто, нели, веќе имаат добро искуство во конспиративни задачи!), итн. А ние, вклучувајќи ме и мене, ги избербативме луѓено, толку бива! А тие – гревчиња, само сакаат да помогнат. Но, и тоа е уште една битна одлика на македонскиот карактер: да го резилиш оној кој сака да ти помогне! Впрочем, не направивме ли слично и со „најпатриотската“ македонска партија, онаа / оние со оној историскион префикс? А луѓето само сакаа да помогнат, да нѐ ослободат од тежината на државниот буџет и неговото трошење, во континуитет од десет години. Го избркавме и оној индиецон, дури право во бајбок, а така се беше убаво одомаќил овде, сосе крави, и пасишта, и слично. Не се сеќавам од кој град беше, да не беше оној втор по загаденост во светот? Можеби токму тоа и го привлекло, плус бизнис опортунити? Си беше човекот „дил ориентед“, како сакате кажете.
Најнов хит ни е т.н. градежна мафија. Таа ни стана коњак, како да други мафии нема во државава. А каде се, само да прашам, онаа „бела мафија“, па онаа „црна мафија“, па онаа „административна мафија“, па онаа „сива мафија“, па онаа „политичка мафија“, па „еко мафија“, па онаа „уметничка мафија“ (што, не сте чуле за неа?), „книжевна мафија“ (ни за оваа не сте чуле, се кладам) … па едно чудо „верски мафии (?) “, „медиумска мафија“ … и уште куп други мафии кои дури не можеме ни да ги следиме токму заради нивната конспиративност. Иако и не е којзнае каква конспирација зашто тие се на ачик цело време, само прашање е кој сака да ги види!? А вчера некоја смешна (мислам дека беше италијанска) телевизија објавува дека најопасна била албанската мафија! Абе дојдете кај нас па да видите што се мафии (државни, локални, невладини и сите останати со ред)! Иако, признавам, сите имаат неприкосновен заеднички именител во т.н. сељачка мафија која што жари и пали низ државава.
Од друга страна, кога сме кај утешенијата – а тие многу ни значат, и треба, се разбира – погледнете што прават „жолтине“ во Париз и цела Франција. А нам ни пречи онаа шака јада пред Собрание. Па остајте ги луѓето, нека си протестираат, нека кочат сообраќај, нека се заебаваат со нас, дајте им и полн пансион – доручек, ручек, вечера, тоа би било 100% демократски и проевропски – зашто веќе имаат поставено свои спални соби среде улица. Јас, да е до мене, целосно би стопирал сообраќај помеѓу 22.00 и 07.00 часот за да им овозможам мирен сон на луѓето. Та нели правото на протест е уставно право?