„Усје“: Ние не го загадуваме воздухот во Скопје, нема потреба од блокади

Компанијата потенцира дека моментно, од вкупната количина на енергенси што ги користи, на алтернативно гориво отпаѓа четири проценти.

390

Сите релевантни мерења на емисиите докажуваат дека 2Усје“ не е причинител на зголеменото загадување на воздухот во Скопје, немаат логика какви било блокади на Цементарницата, се посочува во соопштението од компанијата испратено до јавноста во врска со протестот најавен за утре од активистите од групата „Чист воздух“, како и претставниците на О2 коалиција.

Компанијата потенцира дека моментно, од вкупната количина на енергенси што ги користи, на алтернативно гориво отпаѓа четири проценти.

Дополнително, неспорен аргумент, посочуваат од таму, е дека „Усје“ ги имплементира сите домашни и европски регулативи од областа на заштитата на животната средина во индустријата. „Усје“ ништо не крие и постојано е отворена за сите заинтересирани граѓани, активисти и невладини организации, затоа што, како што наведуваат, веруваат во отворена, аргументирана и одговорна дебата. Од компанијата потесетуваат и дека досега неколку пати директно упатиле покани до активистите од групата „Чист воздух“, како и до претставниците на О2 коалиција за да ги потсетат за детално да се запознаат со начинот на работа на Цементарница и во отворен и директен разговор да ги разменат аргументите.

„И покрај нашата подготвеност за дијалог со сите заинтересирани страни, продолжува неаргуметираниот напад врз компанијата со целосно неточни и невистинити тврдења кои ниту се потврдени од релевантни фактори, ниту пак за тоа постојат реални докази. Ваквата состојба во која е ставена нашата компанија не води кон подобрување на состојбите, бидејќи тоа е можно само со аргументи и со реални показатели и факти, а истовремено е крајно неодговорна. Сите мора да сносиме одговорност за јавно искажаниот збор. Апелираме да не се шират непроверени информации и шпекулации за оваа важна тема, затоа што тие, покрај врз компанијата, нанесуваат штети и во напорите за лоцирање на вистинските проблеми со амбиенталниот воздух во нашиот град и врз преземањето ефективни мерки за почист воздух, а единствено имаат популистички ефект“, се наведува во соопштението.

Искрената борба за чист воздух и здрава животна средина, според „Усје“, се гради исклучиво врз аргументирани факти, и истовремено подвлекува дека сите мерења на емисиите докажуваат дека „Усје“ не е причинител на зголеменото загадување на воздухот во градот.

„Континуираните 24-часовни независни мерења, врз кои немаме можност да влијаеме, покажуваат дека емисиите на Цементарница се постојано под, а во делови и неколкукратно пониски од законски дозволените вредности“, наведуваат од Цементарницата.

Од таму посочуваат и дека минатата година започнале со користење алтернативни горива во целосно транспарентен процес, а на новата инвестиција и претходеле јавни расправи, презентации и информации до медиумите, јавноста, невладините организации, граѓаните и институциите.

„Употребата на алтернативните горива спаѓа во групата на еколошки технологии. Ваквите технологии повеќе децении се користат во развиените индустриски земји и во Европската Унија и претставуваат едно од најефикасните решенија, покрај другото и за проблемот со ширењето на депониите за отпад. Во некои земји од Европската унија, употребата на алтернативни горива во цементната индустрија е над 50 проценти од потребите за енергенси – Германија со 65 проценти, Чешка 62 проценти, Белгија 53 проценти, Полска 52 проценти, Шведска 48 проценти. Генералниот просек во Европската Унија изнесува 41 процент (2017 година). Во „Усје“, моментно, од вкупната количина на енергенси што ги користиме, на алтернативно гориво отпаѓа четири проценти“, се наведува во соопштението на Цементарница.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...