Уставните измени ќе завршат глатко до крајот на јануари

686

Втората половина на јануари е реалниот временски период до кога власта очекува дека ќе заврши процесот на измените на Уставот, кои произлегуваат од Договорот со Грција за решавање на спорот за името. Се очекува дека сите рокови ќе бидат запазени и оти земјата ќе може непречено да продолжи да чекори по патот на интегрирање во ЕУ и во НАТО.

Во уставните амандмани треба да бидат вградени и конкретните сугестии од новата пратеничка група, составена од осуммината пратеници од опозицијата, кои на 19 октомври дадоа поддршка за отпочнување на процесот за измени на Уставот на Република Македонија. Сугестиите одат во насока на опфаќање на три од четирите точки кои овие пратеници ги предложија – делот за зајакнување на македонскиот идентитет, гаранцијата дека процесот ќе биде истеран до крај и нема да биде повторно блокиран од Грција, односно дека уставните амандмани ќе влезат во сила со рафитикацијата во грчкиот Парламент и во делот на внатрешната примена на новото име.

Консултациите се во тек со сите политички партии и очекувањата се дека тие ќе завршат до петок. Власта не очекува блокади од опозицијата во процесот на уставни измени.

За процесот на уставните измени е консултирана и грчката страна, што не е обврска, која произлегува од Договорот, но е во духот на пријателството и партнерството.

Премиерот Зоран Заев вчера истакна дека деловничките рокови се јасно определени и оти во рамки на тие рокови и се водат дискусиите.

– Ако ние на 5 ноември на седница на Влада ги усвоиме нацрт амандманите и ги пуштиме до Собранието, за 30 дена треба да се закаже седницата. Седницата ќе се закаже во рамки на 30 дена, согласно Деловникот и ќе се отвори дебатата во Уставната комисија и во Законодавно правната комисија. Секако вака утврдените рокови се јасно прецизирани во Деловникот и во рамки на тие рокови се водат сите дискусии, па затоа и си дозволуваме да проектираме датуми за втората половина на јануари – рече Заев и уште еднаш како квалитетен го оцени завчерашниот состанок со новата пратеничка група.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...