Условениот датум треба да ги поттикне реформите

Европската Комисија ја информира јавноста дека по заклучоците на министрите за надворешни работи на ЕУ за условен старт на преговори со Македонија и Албанија, ќе почнат подговотовките за тие преговори.

142

Македонија да го искористи добивањето условена препорака како охрабрување и поттик за натамошно спроведување на реформите, порачуваат европратениците Иво Вајгл и Едвард Кукан, а слична порака вчера упати и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

И еврокомесарот за проширување Јоханес Хан укажа на потребата од продолжување на реформите, посебно во делот на владеењето на правото и слободата на медиумите.

Европската комисија, пак, соопшти дека паралелно со подготовките за почеток на преговорите, ќе продолжи да поддржува опипливи и одржливи резултати, особено во областа на судството, борбата против корупцијата и јавната админстрација.

– Македонија треба да го сфати ова како охрабрување. Можеби подолго чекаа, но со оглед на условите и на ситуацијата во ЕУ мислам дека ова е позитивна одлука, зборува на конкретен начин за следниот јуни и е поттик да се продолжи со реформите. Позитивно е што реформите ќе бидат мониторирани од Комисијата – истакна Кукан за МИА.

Според Вајгл, Македонија доби гаранции дека влегува во процесот на приближување кон ЕУ и треба да се искористи времето што ќе помине до формалниот почеток на преговори во 2019 за интензивна работа врз економските и општествените реформи.

– Се работи за урамнотежен текст кој ги одразува напорите направени од страна на оваа земја и напорите кои останува да се направат. Со еден збор да кажам, „напред, одете само напред“ – е оценката за условената препорака што ја изнесе францускиот амбасадор Тимоние пред промоцијата на книгата „Европа, нашиот заеднички дом“.

Во обраќањето на РОС-РОТ семинарот што се одржува во Собранието на Република Македонија, премиерот Зоран Заев вчера напомена дека одлуката за почеток на преговорите со ЕУ е мотивирачка и дава стимул земјава да продолжи понатаму. Македонија, освен на решавањето на спорот со името, ќе работи, рече Заев, и на спроведување на реформите што од неа ги бараат ЕУ и НАТО за што има и општествен консензус.

–  Одлуката на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург е јасен патоказ за иднината на Македонија, ни дава стимул да продолжиме понатаму – потенцира премиерот.

Европската Комисија ја информира јавноста дека по заклучоците на министрите за надворешни работи на ЕУ за условен старт на преговори со Македонија и Албанија, ќе почнат подговотовките за тие преговори.

– ЕК сега ја почнува работата на подготовки, како што стои во заклучоците на Советот, и ќе продолжи да поддржува опипливи и одржливи резултати, особено во областа на судството, борбата против корупција и јавната админстрација кои имаат голем импакт врз секојдневниот живот на граѓаните – рече портпаролот на Европската Комисија Маргаритис Шинас.

Според завчерашната одлука на Советот на ЕУ, со исполнување на поставените услови Македонија и Албанија ќе можат да почнат преговори за членство во јуни 2019 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...