Со оглед дека седам напред во возилото и гледам напред имавме проблем со шовершајбната која почна да ни прави диоптрија, после возење на возилото имавме проблеми со главата, бидејќи гледаме низ шофершајбната. Кога се јавивме во фабриката да прашаме од таму ни одговорија дека тое возила се исфрлени од употреба и можно е од диоптријата што ни ја прави шофершајбната да го расипеме видот, бидејќи јас бев на контрола и ми беше оштетен видот, рече Дејан Митревски Урко раскажувајќи за проблемите кои ги имале со старото блиндирано возило во кое се возел Никола Груевски како премиер.
Тој кажа дека имале проблем и со гумите и климата, редовно проблеми се јавувале и со цревата, хидрауликата, кревањето температура.
– Не можевме да го носиме редовно на мајстор бидејќи беше неопходно. Го носевме на сервис кога тогашниот премиер беше на пат со авион. Кога ќе се јавеше поголем дефект земавме на користење од другите ВИП личности, дали од претседателот на Собранието, од претседателот на државата, министерката за внатрешни работи… Но, и тие возила беа проблематични и не беа безбедни. Имаше уште едно возило, џип, кое го возевме со нас во колоната. Често откажуваше и го враќавме со шлеп служба во МВР, па го заменувавме со обично возило. Имало и случаеви кога сме го заменувале, а тоа да не одговара на безбедносните стандарди. Ако се случеше нешто јас имав директна одговорност. Свесен за тоа, уште кога Груевски стана премиер од првиот ден јас инсистирав за набавка на ново возило. Тоа инсистирање потраја шест- седум години. На секое мое убедување за ново возило, добивав одговор од претседателот на владата дека не ни треба, имаме возила, ќе позајмиме од другите ВИП личности. Јас пробав да му објаснам дека и тие се расипани – раскажуваше Урко во судница.
Урко го убедувал Груевски да ја сменат барем шофершајбната. Кога прашале колку чини им одговориле 20.000 евра и Груевски рекол дека е многу пари и не ја смениле.Тој рече притисок за ново возило најмногу направил кога во една ситуација враќајќи се накај вилата на Водно, им откажала хидрауликата на воланот, ќе удрело во две столбчиња, шоферот едвај го исправил возилото за да не се направи поголем проблем.
– Јас му помогнав, со левата рака го влечев воланот за да не удри во столбче. Спроти тоа имаше детска градинка и да не помислиме што ќе случеше ако се десеше нешто, а таму имаше деца – рече поранешниот шеф на обезбедувањето.
Урко раскажа и дека премиер од странство кој доаѓал на гости одбил да се вози во тоа возило и инсистирал да дојде со неговото бидејќи македонското не ги исполнувале стандардите за безбедност. Премиерот дошол на гости со негово возило и не дозволил обезбедување од македонското МВР да се качи во колата.
– Ова го искористив како факт дека е срамота да ни доаѓа надворешен премиер со свое возило зашто ние немаме соодветно возило да го пречекамеи да го спроведеме безбедно – раскажа Урко.
Инаку, како што кажа поранешниот шеф на обезбедувањето на Груевски, тој се уште е вработен во МВР.