Управителот на компанијата „АХР ЛАБ“ тврди дека не поднеле понуда на тендерот за реагенси

1305

Александар Јовановски, управител на компанијата АХР ЛАБ која во медиумите се поврзуваше со денеска поништениот тендер во здравството попладнево се огласи со изјава која ја пренесуваме интегралнo.

Јовановски тврди дека неговите и фирмите на неговото семејство работат повеќе од 30 години токму во делот со набавка на медицинска опрема, потрошен материјал, реагенси и слично, но дека не учествувале на спорниот тендер.  

„Имајќи предвид дека моето име и името на моето семејство беа често споменувани деновиве во медиумите, најпрво би сакал да им се заблагодарам на оние медиуми што останаа доследни во својата професионалност и не објавија невистини и шпекулации во врска со мене и со компанијата со која управувам.

На медиумите што известуваа недоследно и упатија лажни обвинувања до мене, моето семејство и до компаниите кои јас и моето семејство ги претставуваме, сакам да им порачам дека со ниту една од споменатите личности од социјалните мрежи не сум во никаква бизнис или партнерска релација и информациите што се однесуваат на мојот татко, дека тој е дел од бизнисот со обложувачници, се невистинити и истите остро ги негирам.

Од сите што ги пренесоа овие лажни информации барам веднаш истите да ги отстранат од своите медиуми и јавно да се извинат за искажаните лажни ставови. Во спротивно ќе бидам принуден да поведам правна постапка за заштита на мојот углед и на мојата чест.

Компанијата „Ахр лаб“ нема поднесено понуда на наведениот тендер, а со тоа и не може да биде добитник на истиот.

Инаку, моето име и името на моето семејство, чии компании ги претставуваме, работат во Македонија повеќе од 30 години токму во делот со набавка на медицинска опрема, потрошен материјал, реагенси и слично.

Сите невистини и шпекулации, кои беа јавно изнесени во дел од медиумите, нас како компанија „Ахр лаб“, не нè обесхрабруваат, напротив нè охрабруваат и понатаму да бидеме професионални во нашата работа“, се вели во изјавата на упарвителот на компанијата „АХР ЛАБ“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...