На 43-тата седница Комитетот за светско наследство одлучи природното и културното наследство во Охридскиот регион да не биде впишано на листата на светско наследство во опасност.
– Македонија до 1 февруари 2020 треба да достави извештај за напредокот во остварувањето на останатите препораки на УНЕСКО. Врз основа на тој извештај се очекува УНЕСКО повторно да го разгледува случајот со Охридскиот регион на следната седница на Комитетот во јуни 2020. Дополнително, на седницата на Комитетот се донесе одлука да се прошири границата на заштитеното добро, со што се вклучува и делот од Охридското Езеро во Република Албанија – соопштија од Владата.
За време на дебатата, наведоа оттаму, земјите членки на Комитетот изразија широка поддршка за напорите на Владата за зачувување на интегритетот и автенчиноста на светското наследсво во Охридскиот регион.
– Како позитивни реформи, Комитетот посебно ги истакна активностите на Владата како укинување на плановите за ски центар и експресен пат во Галичица, проектите за колекторскиот систем и пренасочувањето на Реката Сатеска, како и носењето на новиот Закон за управување. Комитетот ја нотира и поздрави одлуката на Владата од 11 јуни за спроведување на останатите препораки на УНЕСКО – наведуваат од Владата.