Умрена или изморена демократија?

И така Ѓорге наместо кривично да одговара за непочитување на Уставот, незаслужено ужива во облакодерите на „Џевахир холдинг“ во македонскиот Њујорк.

475

Целта на овој напис е на активните политичари кои се движат само по политичките салони и држат политички говори по ТВ дебати или интервјуа или трчаат по селата да соберат некој глас за време на изборите, да им се приближи една јасна слика што мислат дел од граѓаните кога не се во присуство на политичарите.

Имено, по повод 9 мај денот на Европа, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и Педагошкиот факултет беа домаќини на трибина на која учествуваа студенти од универзитетите во Тетово, Скопје, Битола, Штип или вкупно од 8 универзитети. Составот на присутните беше мултинационален, мултиконфесионален,  непартиски и мултипартиски состав. Домаќините беа многу љубезни. Организацијата беше многу добра и од технички и организационен аспект со превод на македонски, албански и на англиски јазик. Добив впечаток дека студентите Македонци како добри домаќини посакуваа нивните другари Албанци да дискутираат на нивен мајчин јазик, но овие вторите можеби не знаејќи дека има превод и од албански или можеби од суета да докажат дека знаат англиски дискутираа и рецитираа на англиски. Атмосферата навистина беше прекрасна.

На почетокот на панелот една студентка ги праша нејзините колеги кој од присутните гласал на последните претседателски избори? Кревањето на рацете покажа дека скоро сите присутни излегле на гласање или пак декларирале дека така постапиле. Студентите требаше да дискутираат на тема „ Активни млади, жива демократија“. Се разбира дека дискусиите се вртеа околу демократијата кај нас: дали ја има и колку ја има, како се применува и дали се злоупотребува; колку младите се мотивирани да бидат активни во општеството, кој им пречи: сопствениот страв или стравот од политичките елити?

Ако сакам да се зачленам во ВМРО, ја почна својата беседа една студентка, не можам затоа што на власт е СДСМ и не ќе можам да се вработам. Ако станам член на СДСМ  или на ДУИ повторно не можам да се вработам од блиските на политичката елита: синови и ќерки на пратениците, од сестрите и мајките на министрите или портпаролите, од баџанакот и ќерката на спикерот. Тешко е сега и за нив, политичката елита, оти Антикорупциската комисија веќе почна да ги „гони“ роднините на тие сестри, ќерки, синови, мајки и дедовци и прадедовци на политичката елита кои влијаеле при нивното вработување. И на нив им е тешко оти Антикорупциска веќе има право „да ги казни“ сторителите на делата со парични средства евра со противвредност во денари!

И ете, министерот за економија Бектеши се сложи да ја плати казната и сестрата да остане на работа во елитната ЕЛЕМ. Најлесно ќе му биде на спикерот оти баџанакот не е роднина по крв. Со ќерката е сѐ ОК. Со десетка дипломирала!

Со еден збор Антикорупциска „препиша“ рушфет (поткуп) за државата од неколку стотина евра и со тоа тој поткуп нема да оди кај некој посредувач за вработување на некоја партија (обично возачи или секретарки). За секој случај „рушфетот“ за државата е поисплатлив и многу поевтин од неколкуте илјади евра што некои партии им ги зеле на младите како „партиска такса“ во ставката „вработувања“!

Има и една друга причина, вели студентката, зошто не можам да бидам СДСМ или ДУИ. На идните парламентарни избори ако победат ВМРО или Алијансата тогаш ќе ме бркаат од работа или ќе ме дискриминираат затоа што сум СДСМ или ДУИ.

Не можем да бидам активна, не смеам да ги критикувам политичарите при злоупотреба на функцијата оти ќе ми се реваншираат, вели трета студентка. И згора на тоа не можам да ја поднесам неправдата. Тука ниту има саглам закон против дискриминацијата ниту пак на дискриминираниот некој му доаѓа на помош и затоа ќе заминама во Германија. Така е во нашата земја каде политичарите во име на партиското братство и единство и нивните партиски и лични интереси држат тесни меѓуетнички и меѓупартиски односи и уживаат во благодетите на државата а на нас младите ни зборуваат за опасноста од албанскиот јазик и ни забрануваат да се дружиме со нашите другари Албанци, продолжуваат тие.

Во нашата земја нема демократија, завршува таа. Таа или е умрена или е изморена. Сепак, мислам дека е умрена. Нека воскресне демократијата!

Грција пречка и предност

Откако се осамостои нашата државата, Република Грција ми излегуваше пред очи нон стоп. Долго време трчавме по разни самити и состаноци да ги собираме натписите на кои во еден збор стоеше FYROM, а не The Former Yugoslav Republic of Macedonia како што влеговме во ООН. Од Франкофонија известував дека Грција инсистира пред нашата табла да стои акронимот ФИРОМ а не целосното име на државата.

Замислите за НАТО ги исполнивме сите критериуми, а сепак членство немаше.

Долги години политичарите се фалеа дека сме ги исполниле критериумите за ЕУ а неа ја нема и нема. Пак Грција. Грција ни беше пречката а ние бевме перфектни.

Преспа времено ни ја отклони од очите Грција. Таа веќе не е пречка, но стана предност!

И ЕУ комисарите го знаат тоа: браво, го решивте децениски најголемиот меѓусоседен проблем. Секој ден нѐ удираат по раме странците. Но датум, сепак, нема и нема. И што да правиме сега? Го решивме проблемот и застанавме тука без владеење на правото, без ефективна борба против корупцијата, без Катица Јанева на чии прес конференции се навикнавме, со баџанаци, со акомодирани сестри, браќа, ќерки, дедовци и прадедовци на политичките елити во државните институции?

Во право беше, пред една недела, поранешниот американскиот дипломат за Балканот, Брајан Хојт Ји, кој зборувајќи за ЕУ интеграциите истакна дека ЕУ се преправа дека сака проширување и поставува услови за членство, земјите аспиранти се преправаат дека ги исполнуваат критериумите за членство и затоа го нема ни едното ни другото. Францускиот амбасадор Тимоние на тоа додаде: Дали навистина сакате да влезете во ЕУ?

Да живеат претседателите и премиерите!

Режимот си замина, но табиетите на режимот останаа. Замислете, осудениот премиер се шеташе на државен и граѓански трошок затоа што кога беше власт меѓу многуте привилегии со закон си припиша себеси и право на кола, на многу бодигарди, на многу привилегии за времето кога ќе стане опозиција затоа што многу години бил премиер. Тие многу години премиер му обезбедија и статус на азилант.

Во оваа земја само пратениците (и амбасадорите – моја забелешка) немаат право на посебен закон во кој ќе се нормираат нивните привилегии. Пратениците се обидоа три пати. Раката на срце и тие се обидуваат вонзаконски да сторат нешто, ама тоа е вонзаконски. Да кажеме преголемите патни трошоци, и др.

Пратениците останаа без привилегии затоа што тогашните претседатели одбија да ги потпишат предложените закони поради незаслужено предложените нивни привилегии кои требаше да се покријат со парите на граѓаните. И тоа е сѐ во ред. Но не е во ред што тие претседатели одбија да потпишат закони кои создаваа привилегии за другите (како товар врз џебот на граѓаните) а потпишаа закон кој неправедно им припишува и создава привилегии после нивниот мандат. Зошто?

Прашањето е сега: како Ѓорге Иванов ќе ужива во привилегиите кои непотребно ќе ги плаќат граѓаните на кои со неговите непромислени постапки им ја затвореше перспективата за ЕУ и НАТО интеграциите. Какво право има Иванов да бара да ужива во привилеги платени од граѓаните кои отворено ги дискриминираше во правичното застапување во дипломатијата, од граѓаните чиј јазик не го сакаше, од граѓаните кои не ги сакаше како рамноправни туку како потчинети. И така Ѓорге наместо кривично да одговара за непочитување на Уставот, незаслужено ужива во облакодерите на „Џевахир холдинг“ во македонскиот Њујорк.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...