„Уметнички“ дела – акција на Единицата за брзи артивистички акции ГАЛЕРИЈА

214

Инспирирани од иницијативите за поголема грижа за животната средина, група уметници од Македонија „Единица за брзи артивистички акции“ реши да организира изложби на „уметнички“ дела чии автори се граѓаните ширум земјата, соопшти Единицата за брзи артивистички акции.

Со сатиричен приказ на изјавата на Енди Ворхол: „Само затоа што луѓето го фрлаат и притоа немаат никаква корист од него, тоа не значи дека е ѓубре“ (“Just because people throw it out and don’t have any use for it, doesn’t mean it’s garbage.” Andy Warhol), Единицата за брзи артивистички акции организираше изложби на бројни локации низ земјата. Нивната надеж е дека низ сатиричното укажување како изгледа нашата животна околина ќе придонесе кон освестување на граѓаните да не ја уништуваат и нагрдуваат природата и местата во кои сите заедно живееме.

– Понесени од оваа визионерска изјава на таткото на поп-артот, Единицата за брзи артивистички  акции тргна во мисија да ги открие и заштити уметничките дела создадени од бројните уметници кои создаваат на територијата на Скопје и Македонија.

Во нашиот долготраен, исцрпувачки, но и возбудлив  процес на истражување, со особено задоволство сакаме да ѝ соопштиме на пошироката јавност  дека успеавме да лоцираме и заштитиме огромен број на уметнички дела во јавниот простор.

Сите дела се педантно документирани,  евидентирани и каталогизирани и ќе послужат за понатамошно унапредување на креативните и уметничките процеси во нашата држава, стои во соопштението.

Акцијата е дел од проектот на Единицата за брзи артивистички акции финансиски поддржана од Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...