Утринава група битолски активисти на симболичен начин реaгираа и ги означија проблемите со состојбата на улиците кои ги имаат граѓаните на Битола. На повеќе од 10 улици се поставени табли со прекари на улиците, односно со имињата со кои одредени улици се здобиле изминативе години заради нивната запуштеност и нивната состојба. Имињата на улиците се симболични, исто како и состојбата на улиците, “ВЕТЕНА, а ненаправена”, “ВЕЛЕСЛАЛОМ – полна со дупки кои мора да се избегнуваат“, “ИДНИНА” “Калосана” “Тендерска”, РАСКОПАНА, БОЛИВАЧ, “Езерска – улица на 1000та езерца” и слично.
Целта на оваа акција е да се укаже на проблемите на граѓаните кои живеат во одредени делови на Битола каде уличната инфраструктура е катастрофална и каде состојбите со локалната инфраструктура не само што не се подобруваат туку секојдневно се влошуваат. Битола, иако е втор по големина град во Македонија, за жал има уништена локална улична инфраструктура, многу улици во Битола се нереконструирани, раскопани, некои имаат дупки стари и повеќе од 10 години, а некои со децении чекаат на асфалтирање. Целта на акцијата е да се предизвика внимание и локалната власт да ги реши овие проблеми со кои граѓаните на Битола секојдневно се соочуваат.