Укината пресудата за Слободан Богоевски – Ахмети и Џафери пак ќе треба да докажуваат клевета

1404

Апелацискиот суд во Скопје ја укина пресудата по тужбата за клевета и навреда против ексразузнавачот Слободан Богоевски, која ја поднесоа Али Ахмети и Муса Џафери, дознава „Макфакс“.

Судиите од второстепениот суд предметот со насоки за натамошно постапување го вратиле на повторно судење. Тоа значи дека првите луѓе на ДУИ од почеток во граѓанскиот суд во Скопје ќе мора да докажуваат дека Слободан Богоевски ги наклеветил и дека со тоа им нанел штета на честа и угледот.

Апелациските судии утврдиле дека првостепениот суд сторил серија повреди на постапката. Констатирале дека фактичката состојба со која е донесена пресудата е нецелосна и дека тужбата на Ахмети и Џафери е нејасна.

Судот не се впуштил, а бил должен да се впушти во утврдување на евентуалната штета предизвикана од наводната клевета. Во решението на тројката судии од скопска Апелација пишува и дека иако тужениот не се согласил со повлеченото тужбено барање за надомест на штета, судот се впуштил во расправа и одлучил без да донесе решение.

Јавноста е запозната дека наместо судијката Јованка Спировска – Панева, која според распределбата на АКМИС-от, требаше да го суди предметот, судењето „падна“ во рацете на Нухи Рустеми. Медиумите објавија дека судијката Спировска – Панева навдно одбила да ги почитува насоките кои ги добила од претседателот на Основниот суд Скопје 2, Илир Сулејмани за како да постапува во предметот. Според тврдењето на Богоевски судијката им дала насоки на тужителите да достават дополнителни докази, бидејќи во спротивно ќе им ја отфрли тужбата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...