Европската фудбалска централа (УЕФА) ги задолжи сите клупски и национални тимови кои играат со Косово – со исклучок на српските, да гостуваат на терените во поранешната српска покраина, изјави пред новинарите претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.
Досега Косово играше натпревари дома само со оние претставници на европските федерации, кои ја признаваат како држава. Останатите играа на неутрален терен. А околу 60 држави во светот не го признаваат Косово, на чело со Русија, која е традиционален историски пријател на Србија.
Минатата година репрезентацијата на Косово го одигра својот прв официјален меч на свој терен и тоа се случи во Лигата на Нациите, откако победи со 2:0 против Фарските Острови.
– Ние одлучивме дека секој тим – клуб или репрезентација, со исклучок на српскиот, ќе мора да оди во Косово, а кој нема да се појави на нивна територија, ќе изгуби службено. Ако некој не сака да прифати косовски национален или клубски тим на свој терен, нема проблем да биде домаќин на неутрален терен – објасни Чеферин.