Не е неважно сега, веднаш, да направите мала пауза. … Ве молам, размислете како изгледаше Македонија во април 2017 година или, уште подобро, во април 2016, 2015 и 2014 година…
Еве, малку да ве потсетам: Во април 2014 година се одржаа веројатно најнаместените парламентарни и претседателски избори во македонската посткомунистичка историја (а, не е дека ги немало и пред тоа), со чиј претседателски фермент (да не кажам исцедок), на пример, и денес се расправаме… Во април 2015 го газевме скопскиот асфалт надолж и попреку со свирчиња в уста и со чудна возбуда во стомакот дека правиме нешто за што сме во право, а и со експлозивните одеци од „бомбите на Заев“ во ушите… Во април 2016 година Иванов аболираше педесеттина, главно, видни дејци на криминалната корпорација на Фамилијата (составувајќи прилично визионерски список на речиси сите сегашни и идни обвинети од страна на СЈО), што дополнително го крена ентузијазмот на улицата дека со таа екипа ќе мора да се расчистува до крај…
Во април 2017 година пропадна крвавиот обид за државен удар во Собранието на Републиката, од страна на реакционерните криминализирани структури на насилниот македонски режим… Во април 2018 година, пак, Македонија, предводена од Владата на СДСМ, добива безусловна препорака за отворање на преговорите за интеграција во Европската Унија…
Како и да го свртите, од која страна на политичкиот спектар и да се наоѓате, приказната за Македонија во последните пет години мора да изгледа недвосмислено импресивна. Во право е оној Заев кога мудро вели дека овој „кенгурски скок“ од падот до триумфот на македонската демократија мора да е, сепак, резултат на големото мнозинство македонски граѓани – иако во налет на типично популистичко претерување, Заев во оригиналот на својата изјава вели: „сите граѓани на Македонија можат да бидат горди, без исклучок“, што е неточно, а и на раб од глупост. Елем, тоа големо мнозинство македонски граѓани, застанати над амбисот на својата зла судбина, некако се решија да се отрезнат во прилично последен час, пред сосема да ги лапне помрачината. Оваа збунета нација отсекогаш правела тежок избор помеѓу своите херои и антихерои, редовно спасувајќи се „за влакно“ да не застане на погрешната страна на историјата.
Треба овој момент добро да се прослави. Оти, не се опуштајте, од тука натаму е само угорнина! Всушност, сите поминати епохални перипетии беа само за да застанеме на стартната линија на маратонот за влез во ЕУ – а кога ќе го видам првиот ред од нашите маратонци, од некои од нив како една студена пот по малку да ме облева. Јово „Дубара“ ќе спроведува судски реформи, Али Ахмети ќе поддржува борба против корупцијата, Хорхе Иванов ќе нè интегрира во западните вредности… Делуваат уверливо како јамајканска репрезентација пратена на зимски Олимписки игри.
Значи, допрва следуваат тешки одлуки, мачни избори, напорна работа, пот и солзи. Да не мисли некој дека и еркондишн ќе ни пуштат?!
Извор: Цивил медиа