Студентите запишани во прва година во Скопје не можат да ја искористат можноста за бесплатно возење со автобусите на ЈСП, бидејќи сѐ уште ги немаат добиено своите индекси. Бруцошите се загрижени зашто треба да даваат пари од свој џеб, за нешто за што државата одредила дека им следува без пари. Тие тврдат дека дури ни со потврда за редовен студент, издадена од факултетот, не успеале да ги убедат вработените на билетарниците да им дадат бесплатни билети за градски превоз.
– За нас студентите никој нема време. Постојано се доцни со сѐ. Прво се доцнеше со објавување на примените студенти во студентските домови. Немаше каде да спиеме. Сега мака со индексите. И тие малку бенефеции што ни следуваат, не можеме да ги искористиме целосно – вели револтирано момче за Плусинфо.
Ако бруцошите сега плаќаат по 105 денари за три возења со автобус на ЈСП, под услов веќе да имаат скопска картичка која чини дополнителни 150 денари, тоа значи дека млад човек фрла 210 денари во оган за шест билети за одење и враќање во еден ден, доколку треба да смени три автобуси за да стигне на предавања на факултет.
– Првите денови на факултетот се најважни, исто како и во основно и во средно. Се запознавате со професори, асистенти, колеги, никој не сака да отсустува и да задоцни со дружењето. Тогаш се стекнуваат најголем број пријатели, а се чувствуваш подобро, бидејќи многумина не се знаат меѓусебно – објаснува бруцошот.
Студентите бараат да се реши овој проблем, кој им создава главоболки, згора на другите нервози и стресови со кои се соочуваат секојдневно.
Од факултетот на кој студира нашиот соговорник, ни беше потврдено дека на бруцошите не им се дадени индексите и оти ќе има соопштение кога ќе бидат доделени. Како што ни беше речено, предавањата се почнати.
– Во текот на следната недела ќе ги добијат индексите. Бидејќи во тек се уписи, многу индекси се обработуваат и затоа се прави метеж. Многу студенти има – велат од факултетот.
Од ЈСП Скопје објаснуваат дека потврда од факултет за редовен студент не е доволна за да се издаде бесплатен студентски билет.
– Засега ЈСП Скопје не планира да дозволи обезбедување на бесплатен студентски билет само со потврда, имајќи предвид дека очигледно, согласно со извештаите од Одделението за продажба, станува збор за случај со еден или два факултета. Во случајов, проблемот произлегува од факултети кои од ним познати причини не ги обезбедиле односно издале навремено потребните индекси за своите студенти – бруцоши. Од друга страна, издавање билет само со потврда од факултет, остава простор за разни манипулации. Многу лесно се прават фалсификат потврди и слично.
За да се добие бесплатен студентски билет неопходно е да се поднесе потврда од факултет за редовен студент, заверен индекс на увид, барање односно образец за студенстки билет (кој е достапен за преземање од веб страницата на ЈСП Скопје, како и во центрите за персонализација), лична карта или пасош, но и 200 денари за „Скопска“. Потребна е и фотографија, која се прави во центарот.
– Висината на казната за возење без валидиран билет е иста за сите категории патници. На патникот кој е затекнат без важечки и исправен возен билет му се подготвува записник за плаќање, односно казна која чини 1.000 ден доколку се плати во рок од 8 дена. Во случај лицето да не ја плати посочената глоба, ЈСП Скопје испраќа предлог за прекршочна постапка за патникот до Инспекторатот на Град Скопје, а оттаму случајот го процесуираат до Министерството за транспорт и врски. Во овој случај, лицето има рок од 15 дена да плати глоба од 50 евра. Доколку патникот повторно не ја плати казната, случајот се проследува до извршител, практично, крајна инстанца за наплата на казната за возење без билет. Тогаш казната изнесува од 7.000 до 9.000 денари – велат од ЈСП, додавајќи дека ова важи и за млади кои ќе покажат само потврда за редовен студент од факултет.
Во периодот од 1 до 3 октомври, издадени се 349 бесплатни студентски билети за бруцоши. Според извештајот за работењето на ЈСП Скопје во периодот јануари – јуни 2019 година, издадени се 1.278 студентски билети.