УБК ќе се дотера по европски терк, во игра се три модели (ВИДЕО)

399

Министерот за внатрени работи Оливер Спасовски  денеска на седницата на Владата ќе предложи информација за процесот на реформа во безбедносно разузнавачкиот систем, а во наредниот период ќе биде избран моделот по кој ќе се одвива реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање.

Се очекува од 1 ноември да почне да функционира новиот систем за следење на комуникациите што беше дел од севкупната реформа на безбедносно разузнавачкиот систем.

Тој наведе дека во нарениот период Министерството за внатрешни работи ќе оддржи повеќе консултации и дебати со релевантни општествени чинители. Потоа ќе биде избран најсоодветниот модел за реформа, рече министерот Оливер Спасовски на денешната прес конференција со директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Горан Николовски.

На новинарско прашање според кој модел ќе се случат реформите, Спасовски кратко одговори дека во опција се три модели.

-Реформските процеси се водат во оние области кои во извештаите на Европската комисија и релевантните меѓународни организации беа оценети како најкритични и како области во кои Министерството бележи негативни референци- рече Спасовски.

Станува збор , рече министерот Спасовски, за области кои се најсуштествени во ова министерство и кои се од исклучителна важност за гарантирање на безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните, а една од нив е безбедносно-разузнавачкиот сектор.

-Злоупотребата на овие служби, особено на Управата за безбедност и контраразузнавање предизвикаа сериозна политичка криза во нашата земја и го нарушија угледот на демократијата. Пред една година започнавме со реформа на системот на следењето на комуникациите, кој во извештајот на експертската група беше посочен како клучен инструмент за злоупотреба и незаконско дејствување од страна на тогашните носители на власт. Реформата успешно се спроведува, се превземаат сите оперативни и логистички активности и согласно Законот за следење на комуникациите, новиот систем ќе започне со работа не подоцна од 1 ноември оваа година- рече Спасовски.

Оваа реформа, потенцира Спасовски, е дел од сеопфатната задача да се реформира безбедносно-разузнавачкиот сектор, што всушност претставува чувствителна и темелна реформа.

-Безбедносно-разузнавачкиот сектор е суштинскиот механизам за заштитата на државата и граѓаните од негативните влијанија и им овозможува на институциите на државата да се справуваат со глобалните безбедносни закани и ризици. Геостратешките политики и интереси влијаат на стабилноста на државата и нивното правилно следење ја јакне позицијата и дејствувањето на државата. Безбедносните закани и ризици во светот се под постојана промена и влијание на различни интересни групи, а Република Македонија со својата положба не е заобиколена- рече Спасовски.

Членството во Европската унија и НАТО подразбира постоење на служби кои ќе бидат рамноправни со своите колеги од земјите сојузнички. А тоа може да се случи единствено преку сеопфатна реформа, додаде министерот кој најави дека ќе има консултативен процес за реформите кој ќе го води работна група, која ќе се формира со претставници од надлежните државни институции, но и со претставници од академската област, како и граѓанското општество.

-Нашите очекувања се дека овој консултативен процес треба да се одвива во текот на месец окотмври и да заврши не подоцна од 15 ноември – додаде министерот.

Потоа, на Владата ќе и бидат соопштени наодите од консултациите и ќе се донесе одлука за моделот. Оваа одлука ќе биде проследена и со соодветен акциски план, кој ќе содржи мерки и активности за реформата на овој сектор.

-Целта на оваа реформа е да добиеме служба која ќе се темели на високи професионални стандарди, воспоставување и почитување на етички кодекс и современи методи на работа и дејствување. Оваа служба мора да биде заштитена од негативни политички влијанија и нејзина единствена задача и должност ќе биде да ги штити и да ја гарантира безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните- рече Спасовски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...