УБК мора да се реформира, но и да се приспособи на условите во Македонија

Во регионот и пошироко има успешни примери на добро спроведена реформа на безбедносно-разузнавачките служби и нивниот пример треба да се следи, но мораме да го приспособиме на специфичностите на општествено-политичката карактеристики на нашата држава, смета министерот Спасовски.

187

По завршувањето на реформата на системот на следењето на комуникациите, што од 1 ноември е ефективна, сега сме насочени кон реформата во безбедносно-разузнавачките служби, најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната Научно-стручна расправа на тема „Реформи на Управата за безбедност и контразузнавање“ што се одржа во конференциската сала  на Факултетот за безбедност во Скопје.

– Во регионот и пошироко има успешни примери на добро спроведена реформа на безбедносно-разузнавачките служби и нивниот пример треба да се следи, но мораме да го приспособиме на специфичностите на општествено-политичката карактеристики на нашата држава. Глобалните закани за безбедноста во светот се добро познати, но начинот на кој тие се реализираат и се закануваат на државите доаѓаат во различни облици, заради што е неопходен овој аналитички пристап. Изминатиов период Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) се обидува да го врати својот углед на професионална и релевантна служба, углед кој беше сериозно нарушен. Но, очигледно е дека се неопходни структурни промени и унапредување на методите на работа на оваа служба. Не можете да бидете ефикасни во справувањето со глобалните безбедносни закани и ризици ако постојано не работите на унапредување на начинот и методите на работа – рече Спасовски.

Тој кажа дека е формирана меѓуресорска работна група која треба да понуди најсоодветен модел за реформа пред се на УБК, но и реформа на Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање, како и другите институции од оваа област

– Што јас очекувам од оваа реформа? Да понуди добар модел за создавање на ефикасен систем за заштита на националната безбедност. Да овозможи функционирање на службите согласно меѓународните стандарди и правила, притоа штитејќи ги и гарантирајќи ги државните интереси. Да овозможи службите да дејствуваат ослободени од политички влијанија. Да се максимизира нивната ефикасност и да се воведат современи методи на работење, преку кои ќе се зголеми нивната превентивна улога во справувањето со современите безбедносни закани – рече Спасовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...