Виетнамските власти уапсија уште едно лице во врска со смртта на 39 мигранти пронајдени во камион – ладилник близу Лондон минатиот месец, соопшти полицијата.
Според весникот „Туои тре“, осомничениот ги организирал патувањата на луѓето кон Русија, од каде биле криумчарени кон запад. Весникот додава дека апсењето се случило вчера во провинцијата Нге Ан.
Виетнамските власти досега уапсија девет лица во таа покраина и уште две во провинцијата Ха Тинх, и тие се соочуваат со обвиненија за трговија со луѓе.
Началникот на полицијата на провинцијата Нге Ан – Нгујен Ху Цау изјави дека еден од уапсените, кој некогаш живеел во Русија, организирал патување во Русија и потоа ги криумчарел мигрантите во Германија, од каде заминувале во други земји.
Британската полиција сè уште работи на идентификување на жртвите со помош на Виетнам, каде семејствата ги пријавиле своите роднини како исчезнати додека биле на пат за Англија.