Уапсените борци на ИД биле радикализирани од оџата Мемиши од Чаир

Од септември во училиштата е планирано на класните часови да се говори за темата насилен екстремизам, а вакви содржини да се вметнат и во учебниците. Предвидени се обуки за наставниците, но и за родители на родителските совети. 

550

Седуммината борци за Исламска држава кои во вторникот беа уапсени на Меѓународниот аеродром Скопје, а заробени во Сирија во соработка со Глобалните коалициски сили и логистичка поддршка на САД и депортирани во Македонија, биле ученици на оџата Реџеп Мемиши од чаирската џамија „Тутунсуз“, кој пак минатата година беше осуден на седум години затворска казна за учество и организирање паравојска и регрутирање војници за борба во редовите на ИД.

Терористите, кои по потекло се од Скопје, Прилеп, Тетово и Гостивар на возраст од 23 до 41 година, биле донесени со воен авион, а според полициски извори, уапсените дури биле и среќни што со лисици на рацете се вратени во матичната земја, со оглед на тоа што повеќето приведени во Сирија и Ирак биле ликвидирани.  Сите ќе одговараат по член 322а, а еден од нив и по член 394а од Кривичниот закон.

Акција за апсењето на терористите се оценува како успех, а според безбедносните служби, тоа ја подигнува безбедносната состојба во Македонија на повисоко ниво бидејќи повеќе години биле барани по потерници и процесуирани во нашата земја.

Македонија е дел од меѓународната коалиција за борба против тероризмот, а македонските безбедносни служби во таа насока соработуваат со сите странски партнерски служби. Во таа насока, МВР во 2014 година по измените на Кривичниот законик спроведе акции против ИД во Македонија.

По акциите Ќелија 1 и 2, првата во 2015, а втората следната година, нема повратници од боиштата на ИД, како што се очекувало. Во првата операција беа уапсени девет лица, а по 27 осомничени се трагаше. Во втората беа успени четири лица.

Од полицијата уверуваат дека во рамки на глобалната коалиција за борба против тероризмот, Македонија продолжува и понатаму со континуирани активности во насока на детектирање, идентификување, неутрализирање и кривично гонење на странски терористички борци.

Од септември во училиштата е планирано на класните часови да се говори за темата насилен екстремизам, а вакви содржини да се вметнат и во учебниците. Предвидени се обуки за наставниците, но и за родители на родителските совети.

Сето тоа би се правело преку локалните совети за превенција, кои во моментот во повеќето општини не функционираат. Затоа приоритет во соработката е ЗЕЛС, Министерството за локална самоуправа и градоначалниците.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...