Откако обвинетиот за случајот 27 април, Александар Василевски Нинџа, го даде својот исказ за овие настани, попладнево судењето продолжи со сослушување на сведоци предложени од неговата одбрана.
Покрај неговиот брат, Благоја Василевски, кој беше телохранител на Никола Груевски, кој исто така е еден од сведоците, во судот попладнево за да сведочи од затворот во Шуто Оризари беше спроведен уапсениот ексдиректор на УБК Владимир Атанасовски. Тој во исказите на неколку обвинети беше посочуван како директно инволвиран во настаните, меѓутоа тој во судница речиси и да не кажа ништо за настаните од крвавиот четврток.
Со негово испрашување почна адвокатот на Нинџа, Звонко Давидовиќ прашувајќи дали го познава Нинџа и како го запознал.
– Лично го познавам од пред 2-2,5 години, во теретана случајно го запознав. Го запознав недела-две или месец, пред да станам директор на УБК. Инаку ако ве интересира дали од една страна бил предмет на работа на службата или дали помагал во службата, дали бил вработен во службата… тука ќе морам да се повикам на ЗКП во делот на тајност на податоци – одговори Атанасовски.
– На тајност на кои податоци се повикувате? – праша адвокатот.
– Согласно законите, правилниците, рече Атанасовки, секој податок е класифициран. Ако навлезам во тој дел, ќе направам кршење на законот.
Давидовиќ го праша и дали на 27 април 2017 бил во близина на Собранието и во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, но по приговор на обвинителството, прашањата не беа дозволени бидејќи се наведувачки.
Адвокатот Давидовиќ се откажа од поставување повеќе прашања, по што следуваа прашања од судијката Добрила Кацарска.
– На работа бев до кај 18.30, потоа тргнавме на ракомет и не можам да определам следствено како беше – одговори Атанасовски, запрашан каде бил на 27 април, додавајќи дека за повеќе информации тој треба да се консултира или може да се праша неговото тогашно обезбедување кое го имал како директор на УБК. Тие, како што кажа, сигурно ќе знаат повеќе за времето.
– Господине, вие бевте директор на УБК и не знаете каде сте биле на 27. април, кога се случи тоа што се случи, а велите дека треба да се консултира вашето обезбедување – му рече Кацарска која потоа го праша колку често имал средби со Александар Василевски Нинџа.
На тоа Атанасовски повторно не одговори ништо велејќи: ,,Не знам како да ви одговорам на ова прашање”.
Кацарска во еден момент го искоментира сведочењето на Атанасовски така што му се обрати на актерот Владо Јовановски, кој седи на обвинителната клупа во судница.
– Господине Владо, како беше тоа ,,Ех, моја чудесна Македонија”? – му рече судијката, а тој стана и ги рашири рацете гестикулирајќи го неговиот карактеристичен потег кој го правеше во истоимениот телевизиски серијал.
Кацарска постави уште неколку прашања, а меѓу останатите и тоа што има Атанасовски да каже за настаните од 27 април, дали тој како директор на УБК имал некакви сознанија…
– Тоа што е утврдено како институција, тоа што го констатираше и работната група во МВР, медиумски колку што имам прочитано… тоа. За друго можете да се обратите во УБК. Инаку, на самиот ден дознав кога толпата почна да влегува во Собрание – рече Атанасовски.
Притворениот ексдиректор не беше речит и кога доби прашање што преземал лично тој. Посочи само дека МВР формирала оперативен штаб за протестите.
– УБК постапуваше согласно заклучоци од штабот во рамки на министерството. Секоја управа во УБК си постапуваше согласно законските надлежности и насоките од оперативниот штаб – рече Атанасовски во неговото кратко сведочење, по што беше изнесен од судницата и вратен во затворот во Шуто Оризари.
Кога станува збор за исказот на Александар Василевски Нинџа, конкретно за тоа што се случувало на критичниот ден – 27 април, Нинџа пред судот директно со име и презиме посочи лица вклучени во координацијата на настаните од критичниот ден наведувајќи дека „На 8. кат во Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ се координираше 27 април“.