Министерството за внатрешни работи по вчерашната голема акција денеска излезе со детали, наведувајќи дека била против организирана криминална група која се занимавала со набавка на конаин кој потоа бил препакуван, мешан и препродаван на различни локации во Скопје и други градови во државата. Денеска, најавуваат, ќе се поднесе кривична против четворица: двајца од населбата Ченто и по еден од Чаир и од Арачиново.
Истрагата против четиричлената група траела три месеци, а групата била со строго дефинирана хиерархиска поставеност, а вршела и потпукување за да добива информации за истрагата на МВР против неа, како и за судските постапки кои се водат против членовите.
– Преку продажбата на кокаин, овие лица се стекнале со големи износи на парични средства, кои ги инвестирале во купување на луксузни моторни возила, станови и изградба на куќи. Документирано е и дека оваа група во текот на своето делување користела насилство и закани кон лица-корисници на кокаин, кои навремено не плаќале за набавениот кокаин – велат од МВР.
Во вчерашната акција и во текот на истрагата, посочуваат од таму, обезбедени се голем број на материјални докази и документирани се бројни купопродажби на кокаин кон менаџери на кафе барови, ноќни клубови и ресторани, потоа адвокати, директори, банкари и вработени во јавна администрација. Уапсени се вкупно 12 лица.
– Во контекст на ова, а во рамки на истрагата претходно поднесени се две кривични пријави до ОЈО Скопје и ОЈО Куманово, против две лица од кои едно лице вработено на висока позиција во Царинската управа за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” и „овозможување на употреба на наркотични дроги“ – наведуваат од МВР.
Вчерашната акција била спроведена од одделите за сузбивање организиран и сериозен криминал и од криминалистичката полиција, а се координирала со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
– Операцијата отпочна во момент кога лидерот на криминалната група се обиде да ја напушти државата, а лишен од слобода беше на меѓународниот аеродром „Скопје“, со поголема количина на парични средства. Исто така, од слобода беа лишени уште две лица членови на групата, а по едно се трага. Еден од членовите на групата беше лишен од слобода во текот на ноќта во неговиот дом при обид за бегство – велат од МВР.
Од извршените претреси пронајдени и привремено одземени се: одредена количина на кокаин, пари (6.300 швајцарски франци, 150 американски долари, 150 евра и 28.500 денари), пет луксузни патнички возила (марка „јагуар“, „БМВ“, „ауди А8“, „шевролет калос“ и „сеат алтеа“), еден пиштол марка „карл валтер“, две пушки и 52 куршуми различен калибар, два панцира, две мали дигитални ваги, повеќе мобилни телефони, држачи за сим картички, две УСБ-еа и документација за возило. Количината и квалитетот на пронајдениот и одземен кокаин дополнитело ќе биде утврден со крим-техничко вештачење.
Од МВР најавуваат дека ќе ја прошират истрагата кон полициски службеници за кои во текот на истрагата се обезбедени информации и основи на сомневање за поврзаност со припадниците на оваа организирана криминална група.