Туѓината пуста да остане!

И стварно, зошто некој македонски Швеѓанец, на пример, кој со години веќе навикнал да живее спокоен и достоинствен живот, би се грижел за тоа дали во Македонија, од каде што самиот тој побегнал, власта ќе му припадне на овој или на оној?

2586

Македонските иселеници по сѐ изгледа се решени да ги „бојкотираат“ претстојните парламентарни избори во земјава. Така барем говорат бројките од последниот извештај на Државната изборна единица (ДИК) за тоа колкумина отселени Македонци досега се пријавиле за гласање – само 2.309 од вкупно 6.540 колку што се потребни за да се организираат избори во странство.

Додека многумина од вас во моментов си го поставуваат прашањето: „А што мајка бараат да гласаат оние кои не живеат тука“, јас ќе се обидам да поставам едно многу посуштинско: „Зошто македонската дијаспора толку одеднаш, без предупредување, се откажува од своето уставно загарантирано право на глас?“

Во разговор со неколкумина универзитетски професори и експерти од оваа област, успеавме заеднички да извлечеме само два потенцијални точни одговори на ова прашање.

Првиот логичен одговор е дека Македонците во странство се крајно разочарани од политичките случувања во нивната татковина и дека конечно сфатиле оти нивниот глас нема да им го промени животот ниту ним, ниту на нивните роднини и пријатели кои не успеале навреме да го напуштат полупотонатиот брод и да им се придружат в туѓина.

И стварно, зошто некој македонски Швеѓанец, на пример, кој со години веќе навикнал да живее спокоен и достоинствен живот, би се грижел за тоа дали во Македонија, од каде што самиот тој побегнал, власта ќе му припадне на овој или на оној?

Вториот одговор, пак, е дека Македонците во дијаспората се соочуваат со сериозни тешкотии кога ќе дојде времето за гласање. Целата процедура е комплицирана и непрактична, бара многу време и се трошат многу пари. Тоа, во пракса, значи дека еден наш иселеник од Хановер, потребно е да помине 300 километри само за да гласа во Берлин. Тоа се околу три часа возење во еден правец, и многу фрлени пари.

Ако е за утеха, со истиот овој проблем не се соочуваат само нашинците, туку и иселениците од повеќето земји од регионот.

Но, не и иселениците од развиените европски држави! Во Швајцарија, на пример, веќе долго време успешно функционира електронското гласање, па секој швајцарски иселеник, било каде да е во светот, својот глас на изборите во својата земја го дава со само еден клик на компјутерот. И нормално, процентот на гласови од дијаспората скоро секогаш е двоцифрена бројка која започнува со 9.

Ама што зборувам јас! Тоа за нас е квантна физика. За да се изработи еден софистициран гласачки модел, најпрво, потребна е софистицирана држава. А нашата е далеку од тоа ниво.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...