Туск пред ЕП: Европските лидери направија голема грешка за Северна Македонија и Албанија

234

Претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск денеска пред пратениците во Европскиот парламент повтори дека европските лидери минатата недела направија голема грешка што не донесоа одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

– Европските лидери имаа тешка дебата околу проширувањето. По јасната препорака од Европската комисија, огромното мнозинство од земјите членки сакаа да бидат отворени пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, но и покрај тоа не беше постигнат потребниот консензус. Според мое мислење, тоа беше грешка и тоа отворено и директно им го кажав на лидерите. Сега се надевам дека лидерите ќе го исполнат заклучокот, дека ќе се навратат на ова прашање пред Самитот во Загреб во мај догодина – истакна Туск пред ЕП презентирајќи ги заклучоците од минатонеделниот состанок на Европскиот совет во Брисел.

Се очекува европарламентраците на денешната пленарна дебата уште еднаш да искажат поддршка за старт на преговорите со Скопје и Тирана. Тоа во изминатите денови веќе го направија најголемите политички групации во ЕП – Европската народна партија, Партијата на евроспките социјалисти, АЛДЕ, Партијата на зелените.

Покрај за преговорите со Макеоднија и Албанија, на седницата на ЕП ќе бидат разгледани и заклучоците на Советот на ЕУ за Брегзит и за воената интервенција на Турција во Сирија.

Фото: EPA /PATRICK SEEGER

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...