Туск доаѓа во Скопје на 27 април

282

Кабинетот на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, потврди дека тој ќе учествува на самитот Брдо-Бриони на 27 април во Скопје.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск заминува на балканска турнеја помеѓу 24 и 27 април, за време на која тој ќе ги посети Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, а ќе заврши во Скопје на самитот Брдо-Бриони на 27 април.

Целта на процесот Брдо-Бриони е да ги собере лидерите на Западниот Балкан како и оние на Словенија и Хрватска за, како што се вели во соопштението, да се зацврсти политичкиот дијалог и да се зголеми нивото на доверба за решавање на билатералните и регионалните спорови. Туск ќе се сретне со премиерот Зоран Заев. Средба со Претседателот Ѓорѓе Иванов не е на официјалната агенда.

Целта на оваа турнеја е и да се подготви претстојниот самит за Западниот Балкан во Софија на 17 мај.

– Европската унија продолжува да биде најсигурниот партнер за целиот регион. Како најголем инвеститор, најголем донатор, најголем трговски пазар и најдобро ветување за подобра иднина на граѓаните. Нашиот самит треба да ја потврди европската перспектива за регионот. И, уште поважно, треба да ги подобри на конкретен начин конекциите во и со регионот, изјави Доналд Туск пред Европарламентот на 18 април – пишува во соопштението на Европскиот совет.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...