Анкара ги отповика своите амбасадори од Вашингтон и Тел Авив „заради консултации“, потврди турската влада.
Турската влада денеска прогласи и тридневна жалост за над 50-те Палестинци убиени на границата Израел-Газа.
Анкара го осуди „масакрот“ на Палестинците извршен од израелските безбедносни сили, додавајќи дека нема да има регионален и глобален мир и стабилност сè додека не се постигне трајно решение за палестинското прашање.
– Силно ја осудуваме одлуката на американската администрација да ја премести својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим, кршејќи го меѓународното право и сите релевантни резолуции на ОН. Повторуваме дека оваа акција е законски ништовна и неважечка – рече турското Министерство за надворешни работи во понеделникот.
Стотици демонстранти во понеделникот се собраа во Истанбул, извикувајќи слогани со осуда на Израел.
Денеска и Јужноафриканската Република го повлече својот амбасадор во Израел по веста за убиствата во Газа.
Голем број други влади ги осудија израелските акции во Газа и одлуката на САД да ја преселат својата амбасада во Ерусалим.