Турската компанија „Балканлар пластик“ денеска почна со изградба на фабрика во ТИРЗ Скопје 1, каде планира да инвестира 7,5 милиони евра и да отвори на почетокот 80, а подоцна 306 работни места.
Ерен Чалишир од „Балканлар“ истакна дека одлучиле да вложат во земјава, а со поддршка на Владата им било овозможено во многу краток рок да ги направат подготовките за старт на инвестицијата.
– Со вложувањето во земјава планираме да придонесеме за нови вработувања. Очекуваме инвестицијата да биде успешна и ќе дадеме се од наша страна да се оствари овој проект – рече Чалишир.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека ова е една од 30-те фабрки што се градат во државата. Турција е еден од најголемите партнери на нашата држава, лани имаше директни инвестиции од 36,2 милиони евра, а во првиот квартал 16,3 милиони евра што покажува тенденција на раст и очекуваме до крај на годината ланската бројка да биде надмината.
Почетната инвестицијата е 7,5 милиони евра со планирани 306 вработувања во повеќе фази.
Анѓушев посочи дека како Влада ќе направат се што е во нивна моќ да ги поддржат сите домашни и странски инвеститори.
Според премиерот Заев, секое отворање нова фабрика е радост за сите бидејќи тоа креира работни места, го зголемува БДП на државата, а учествува и во извозните компоненти, што значи зајакнување на економскиот стандард на граѓаните.
– Новите фабрики се радост за сите заради тоа што тие потврдуваат неколку вредности, а тоа е дека е сигурно и стабилно, дека е прогресивно и перспективно и дека практично е возможно да се решат сите прашања и предуслови за отворање фабрика – истакна Заев.
Тој потенцира дека инвестицијата доаѓа од еден од најголемите, ако не и најголемиот наш пријател.
– Турските инвеститори се едни од најприсутните во нашата земја – рече премиерот порачувајќи им да се чувствуваат како дома, а се заблагодари и за неодамнешната ратификација на Протоколот за НАТО во Собранието на Туција.
Соопшти дека странските инвестиции оваа година растат со одлично темпо, а економскиот стандард се зголемува.
– Дефинитивно сме земја која е променета, која нуди просперитет и обезбедува одличен профит за инвеститорите, а за нас нови работни места – рече Заев.
Според министерот за економија Крешник Бектеши, мерките на Владата ги даваат своите резултати и како резултат на тоа, како што рече, речиси секојдневно ТИРЗ Скопје 1 се менува во позитивна насока.
– Тука се отвораат фабрики речиси секој месец. Убеден сум дека со успешната работа на Дирекцијата на ТИРЗ во наредниот период ќе се отворат многу нови фабрики, а тоа се должи и на политичката сигурност и владдењето на правото што беше констатирано и на недоамнешните средби со СТО во Женева – рече Бектеши.
Тој ги повика сите потенцијални инвеститори да ги искористат можностите од Законот за финансиска поддршка на инвестициите и да ги зголемат нивните капацитети, а со тоа да отворат и нови работни места.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Александар Младеновски посочи дека го радува секое отворање на нова фабрика во Бунаџик, бидејќи, потенцира, сум сигурен дека за некој месец тука ќе работат млади луѓе кои нема да заминат од земјава.