Во поплавените подрачја во грчките летувалишта денеска туристите го минаа денот така што со заеднички сили со надлежните служби ги вадеа потопените автомобили од морето, пишува „Блиц.рс“.
– Во Метаморфозис луѓето од Србија им помагаа на Грците да ги извлечат своите автомобили, а во Никити прв кој дојде да им помогне на луѓето чијшто автомобил заврши во морето, пред да пристигнат полицијата и пожарникарите, беше човек од Македонијан- наведува сајтот „Грчка инфо“ на својата „Фејсбук“ страна.
Покрај Метаморфозис и Ормос Панагиас, Никити беше најпогоден од вчерашното невреме и тука е причинета најголемата материјална штета, а грчките служби од утрово ги чистеа улиците, плажите, продавниците и куќите.
Голем број локали и продавници работат нормално, а туристите од неколку хотели и вили се евакуирани во други сместувања.
Според моменталните прогнози, доколку врнежите престанат, Никити ќе биде доведен во нормална состојба за најмногу два до три дена.