Туристичките водичи и ентузијасти чистеа во Стариот дел на Охрид

350

Бројните забелешки на туристите што го посетуваат Охрид за отпадот, што неконтролирано се фрла низ најатрактивните делови на градот ги натера вработените во туристичките агенции, туристичките водичи попладнево да спроведат акција за чистење на отпадот во Стариот дел на градот, особено по најпосетуваните траси и локации.

Протагонистите во акцијата посочуваат дека на акцијата ги иницирале отворените забелешки од туристите пред се оние од странство, дека не можат да разберат град како Охрид препознатлив по својата природна убавина да биде насекаде загаден со расфрално најразлично ѓубре и отпад и тоа во непосредна близина на неговите најрепрезентативни делови.

– Без лажна дипломатија треба отворено да си признаеме дека сами сме виновни за грдата слика на градот што ја оставаме пред гостите. Забелешките на туристите до водичите за убавината на градот, но истовремено и за нечистотијата, кажува дека свеста на луѓето што живеат тука е на ниско ниво. Апелираме, не само водичите туку и луѓето да издвојат малку време, наместо рутината да пијат утронско кафе, да го минат во уредување на јавните површини пред своите куќи. Ова ѓубре сигурно не го фрлиле гостите, туку локалните мештани – изјави Горан Устијаноски, кој активно се вклучи во акцијата.

Устијаноски, кој е и капетан во Капетацијата на пристаништа во Охрид, смета дека треба да се спроведат сеопфатни акции за чистење, но како основно повтори дека треба пред се да проработи свеста за потребата од одржување хигиена на улиците и тротоарите.

Апостолис Карајанис, од туристичката агенција „Одисеја травел“ од Охрид рече дека се работи за мала акција за расчистување на ѓубрето расфрлено во Стариот дел на градот.

– Сите ние како туристички водичи сме се соочиле со ситуации гостите да се пожалат на нечистотијата. Градското комунално претпријатие сигурно си ја врши работата, мора граѓаните повеќе да внимаваат на чистотијата. Верувам дека голем дел од туристичката понуда на градот зависи од чистотата. Се надевам дека оваа наша инцијатива ќе пробуди слични акции, а и ќе придонесеме за будењето на самосвеста за нешто што зависи директно од нас самите – рече Карајанис.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...