За Велигденските празници и продолжениот викенд во Охрид допатуваа голем број домашни и странски гости. Додека посетителите уживаат во убавините на балканскиот Ерусалим, охриѓани се загрижени. Невремето и поплавите во изминатиот период и прогнозите за наредните денови не им дозволуваат да се опуштат ниту за празниците.
Нивото на Охридското Езеро, според последните потврдени информации, е на 694 метри надморска височина, што е 27 сантиметри над максимално дозволената кота.
Не помага ниту тоа што во Црн Дрим од неодамна е пренасочен дел од реката Сатеска за да се спречи зголемување и натамошен раст на нивото на езерото.
Дотокот на вода, се уште е поголем од истекот, додека најавите за стабилно и топло време, со дневни температури повисоки од 20 степени целзиусови, можат дополнително да ја усложнат ситуацијата ако дојде до брзо топење на снегот на Галичица и Петринска планина.
Високиот водостој присутен подолго време, го зголеми нивото на подземните води во почвениот дел, така што многу подрумски простории се под вода.
Надлежните уверуваат дека засега е стабилна состојбата по течението на реката Црн Дрим која исто така бележи восок водостој.