Договорот за името треба да го прифатиме како единствено реално решение. На референдумот на 30 септември нема да водиме партиски борби, туку ќе се бориме за нашето единство. Тоа е најголемата придобивка од овој референдум доколку како народ и граѓани тоа сакаме да го разбереме, изјави за МИА професорот по меѓународно право, основач и претседател на поранешната партија Демократска алтернатив и актуелен претседател на Македонскиот олимписки комитет Васил Тупурковски.
– Пред 27 години имавме сосема прифатлив предлог за решавање на проблемите во македонско – грчките односи. Шансата не ја искористивме. Сега Македонија и Грција создадоа заемно прифатливо решение. Да бидеме реални, ова решение е полошо, но после 27 години е единствено реално и евентуално подоброто нема да биде пронајдено после нови децении на трагање заедно со нови жртвувани генерации. Значи треба да го прифатиме договорот помеѓу двете земји – посочува Тупурковски.
Изнесувајќи го својот став за референдумот и Договорот од Преспа, тој укажува и на важноста од почитување на поддршката што меѓународната заедница ја дава за Договорот во контекст на неговото значење за двете засегнати земји и за геострашките интереси.
– Во овој договор е вклучена и меѓународната заедница за чии вредности е определено големото мнозинство на македонскиот народ и останатите граѓани на Република Македонија. Решението што го поддржува меѓународната заедница покрај за македонско – грчките интереси, води сметка како за геополитичките регионални интереси, така и за геостратешките. Сите фактори во Македонија треба ова да го почитуваат и да го прифатат како сосема реално со што ќе дадеме и свој придонес кон стабилноста и мирот – посочува Тупурковски.
За жал, според него, подолго време постојат политички фактори кои трагично го делат нашиот народ, но, вели, најголемата придобивка од референдумот треба да биде постигнувањето единство.
– Иако и во овој момент на референдумско одлучување не се дозволува да се приближиме, не можеме како општество, семејства и граѓани да не се зближуваме. Патриоти се само оние кои го подобруваат нашиот живот. А предавници не се оние што мислат поинаку. На 30 септември нема да водиме партиски борби. Всушност, ќе се бориме за нашето единство. Тоа е најголемата придобивка од овој референдум доколку како народ и граѓани тоа сакаме да го разбереме – вели Васил Тупурковски.