Координаторот на владејачката СДСМ Томислав Тунтев изјави дека е поразително за една голема политичка партија како ВМРО-ДПМНЕ да бара изговор и да најде погрешен начин за да се врати во работата на Собранието.
– Ако ова е големата врата за враќање на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, тогаш навистина сме малку разочарани. Барањето е сосема легитимно и всушност нам ни отвора простор да ги реафирмираме сите позитивни политики на оваа Влада во последните 10 месеци, рече Тунтев.
Според него, пратениците од владејачките партии на утрешната седница ќе ја потсетат опозицијата на, како што кажа, криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во последните 10 години, зошто оваа држава се наоѓа на ова дереџе, а исто така ќе потсетат дека во овие 10 месеци Владата на Република Македонија ги презела сите активности за да ги отстрани и ублажи погубните политики што години наназад ги воделе поранешните влади.