Македонски граѓани, поради пасошката криза и рестрикциите во издавањето нови патни исправи, се принудени да откажуваат и туристички аранжмани, но и учество на деловни и спортски активности во странство. На таква мака биле ставени една скопјанка, која поради оштетена патна исправа, била принудена да откаже туристички аранжман, како и момче од Скопје, кое сè уште e во неизвесност дали ќе отпатува на спортски настан, затоа што не се знае дали МВР неговото барање за нов пасош ќе го прифати како ургентно.
Владата пред некој ден воведе рестриктивни мерки според кои МВР ќе ги издава последните околу 4.000 преостанати патни исправи, пред да дојде новата пратка од Германија која во земјава треба да стаса кон средината на март. Предност за новите патни исправи ќе имаат само оние со ургентни потреби – медицински или професионални.
Во МВР велат дека повеќе од 16.000 граѓани поднеле барања и се сликале за нов пасош, но има само 3.600 пати обрасци. Пасоши ќе добијат 650 граѓани кои аплицирале во итна постапка. А од останатите предност ќе добијат само оние кои имаат неодложно лекување во странство.
За биометриски пасош секој граѓанин плаќа по 1.500 денари во редовна постапка, а за пасош по итна постапка се плаќа по 4.800 денари.
Во Хелсиншкиот комитет за човекови права велат дека нудат бесплатно советување за сите засегнати граѓани кои ќе решат да го тужат МВР, кое според Законот за патни исправи е должно да им обезбеди лични документи на граѓаните, но и да ги обештети оние кои претрпеле материјална штета.
Според Хелсиншкиот комитет, согласно Законот за патни исправи на државјаните на Република Северна Македонија, надлежност на Министерството за внатрешни работи е да води сметка за обрасците и постапката за издавање на патни исправи преку нивно уредување со подзаконски акти.
– Пропустот, во смисла на недостаток на обрасци за издавање на патни исправи, е во спротивност на стратешките определби на државата за пристапувањето кон Европската Унија. Имено, правото на слободно движење на граѓаните на Република Северна Македонија надвор од границите од државата може да се реализира само доколку се поседува валидна биометриска патна исправа. Согласно методологијата за пристапување кон ЕУ, Поглавјето 24 (Правда, слобода и безбедност) во кое се регулира оваа материја, е едно од првите поглавја кои државата ќе ги отвори за пристапување кон ЕУ, со што се поставува прашањето за институционалните капацитети за исполнување на стандардите согласно европското право.
Државните институции со ваквите несериозни постапки директно задираат и го ограничуваат правото на граѓаните за слободно движење надвор од државата. Дотолку повеќе, граѓаните кои не се во можност да добијат нови патни исправи, можат да претрпат и материјална штета поради неможноста да си ги реализираат професионалните и лични патувања во странство – вели Сибел Амет, проектна координаторка во Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Повикуваме, велат од Хелсиншкиот комитет, надлежните инсититуции да реагираат соодветно и да изнајдат начин за санирање на штетите кои би можеле да се појават како последица на оневозможување на граѓаните во остварувањето на нивното право за слободно движење надвор од државата.
Следната пратка од 100.000 обрасци според договореното со германската компанија „Веридос“, треба да пристигне на 24 март и таа ќе биде последна со старото име на земјава.
Според техничкиот министер Наќе Чулев, причината за проблемот е лошото планирање на службите. Тој интервенирал кај поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, но тврди дека не наишол на разбирање.
– Целокупната одговорност за хаосот во кој се наоѓа нашата држава, а чии последици најмногу ги трпат граѓаните ја има Оливер Спасовски, кој бил должен да преземе мерки со кој ќе се спречат овие дејствија. Спасовски четири години не преземал конкретни мерки и активности за долгорочно решавање на проблемот со набавка на обрасците за личните документи и тоа е единствената причината поради која до ден денес не е решен проблем со недостаток на обрасци и издавање на лични документи што ќе предизвика и понатамошни последици – обвини Наќе Чулев, министерот за внатрешни работи.