Најдобрата тенисерка во светот, Наоми Осака пред месец дена одлучи да ја сопре соработката со тренерот Саша Бајин. Таа одлука ги изненади сите, но ова не е единствената контроверзна ситуација со Јапонката.
Кристоф Жан, нејзиниот тренер од јуниорските денови, ја тужи Осака поради тоа што не го почитувала договорот вреден 2 милиони долари. Како причина, тој наведе обврска потпишана од нејзиниот татко Леонард Франсоа (Наоми го зеде презимето по градот во кој е родена) уште во 2011 година. Тој тврди дека договорот предвидува Жан да добива 20 отсто од заработката на Наоми и нејзината година дена постара сестра Мари, која е 338 место на ВТА листата.
– Не сакав да дојдеме до суд, но кога последен пат разговарав со нејзиниот татко, тој ми кажа да најдам адвокат. Токму тоа го направив – рече Жан.
Колку е сериозна ситуацијата, станува јасно од тоа дека Осака, исто така, ангажирала искусен адвокат, кој веќе започнал да се занимава со делото.
– Кога некој како Наоми преку ноќ ќе прави метеорски подем, јасно е дека можат да се очекуваат лажни тврдења. Наоми никогаш не го видела или потпишала овој глупав договор – напиша адвокатот Алекс Спајро во соопштението по повод тужбата.
ФОТО: EPA / ALI HAIDER