Трудници од Скопје реагираат дека доцни исплатата на парите од Фондот за здравствено осигурување за лекот клексан ( clexanе), којшто редовно мора да го земаат по препорака на трансфузиолог. Зависно од препишаната доза, една или повеќе ампули на ден, месечно за овој лек пациентките треба да одделат од 7.000 до 15.000 денари и повеќе. Од Фондот тврдат дека застој во исплатата може да се случи само во оние предмети каде недостига документација.
Трошиме и по 15.000 денари месечно, барем навреме да ни ги враќаат!
Скопјанката Д. С раскажува дека поради ризична бременост и по препорака на трансфузиолог мора да прима клексан, и тоа по два на ден, еве веќе четврти месец.
– Но, досега Фондот ми рефундираше пари само за еден месец, иако уредно, месец за месец, на секои 25 до 30 дена ги поднесувам документите во подрачната единица на Фондот. Јас сум невработена, а една ампула од лекот чини 250 денари, а по две треба да примам до крајот на бременоста. Значи, месечно издвојувам околу 15.000 денари само за овој лек. Дали Фондот има во вид со што ние трудниците се соочуваме и дали можеме да го издржиме овој терет, без навреме да ни ги рефундираат парите? – прашува оваа пациентка.
Таа забележува дека им се рефундира само 70 отсто од вкупната сума, бидејќи Фондот ја признава набавната цена на лекот.
– Во ред ако така треба, но барем ова што ни следува навреме да ни го исплатуваат, бидејќи не се мали парите што мора да ги дадеме, а потоа чекаме да ни се вратат. Ако исплатата продолжи со ова темпо, може да се случи и да се породиме, здравје Боже, а уште да чекаме Фондот да ни ги врати парите – додава оваа трудница.
Не ѝ е исплатена сумата за мај
Друга пациентка, М.Ј. исто така чека Фондот да ѝ ги врати парите за овој лек.
– Веќе подолго време примам инјекции клексан , по една на ден, но до скоро морав да примам и по две. Според контролите кои ги правам, редовно поднесувам комплетна документација во Фондот за здравство (меѓу 20-35 дена), но за исплата чекам и по речиси два месеци. Досега поднесов два извештаи, еве веќе е на ред и третиот, а се уште немам добиено никакви средства. Кога телефонски се обидов да проверам до каде се моите предмети, испадна дека тој од мај месец воопшто не стасал да биде сработен!? А веќе е јули…. Навистина се надевам дека во иднина ќе има исплата месец за месец на овие средства за лекарствата кои се неопходни за нашето здравје, особено што освен овој лек, за кој одделувам речиси цела моја плата, треба да купиме и други неопходни работи – реагира оваа трудница.
Таа се интересира и зошто е зголемена партиципацијата за клексан.
– На почетокот, Фондот ми стопираше по 700 денари од сумата за за партиципација за овие ампули, а при последната исплата, таа сума беше покачена на 900 денари и не добив појаснување за ова – додава оваа пациентка.
ФЗОРСМ: Исплата за 15–тина дена, ако предметот не е спорен
Во врска со динамиката на исплата на лекот клексан (clexane), од Фондот за здравствено осигурување појаснуваат:
– Подрачните служби на ФЗОРСМ редовно ги обработуваат барањата за надоместок на трошоци за купени лекови clexanе i fraxiparin. Налозите за исплата се одобруваат во рок од 15–тина дена од денот на поднесувањето на документацијата во ФЗОРСМ , а согласно одредбите од Законот за општа управна постапка, рокот за донесување на решение е 30 дена. Доколку се работи за спорен предмет ( а често ги има), осигуреникот писмено (со допис) се информира со кои документи истиот треба да се комплетира, поради нецелосна документација за да може да влезе во процедура за исплата – информираат од Фондот.
Надлежните од оваа институција додаваат денот на исплатата на средствата зависи од тоа кога осигурникот ќе го комплетира предметот.
– По комплетирањето на предметот со потребната документација, веднаш се изработува решение и се одобрува за исплата – тврдат од Фондот.
Инаку, за 2018 година се исплатени 40,9 милиони денари од здравствената каса за рефундација на средства за набавен лек clexane.