Трудницата, која е една од 39 -те повредени во тешката сообраќајка, е во добра здравствена состојба, како и плодот, а за неа од изутрина се грижат гинеколозите и сестрите на Клиниката за гинекологија и акушерство, каде е префрлена од КАРИЛ.
Оваа 30-годишна пациентка е во петтиот месец од бременоста и се опоравува од првичниот шок кој го преживеа во автобуската несреќа вчера попладне, патувајќи кон Гостивар. Таа е еден од ретките патници кои имаа голема среќа да поминат без посериозни повреди во несреќата која однесе 14 животи, а во која многумина се здобија со потешки или полесни повреди.
– Пациентката е во добра, стабилна состојба, како и плодот, и таа, за среќа, нема посериозни повреди. Ова е нејзина втора, уредно следена бременост. Откако е префрлена кај нас на одделот, ѝ ги направивме неопходните анализи кои покажаа уреден раст и развој на плодот, кој одговара на гестациската недела. Трудницата се чувствува добро, но сѐ уште е делумно потресена од несреќата.Таа останува кај нас на Клиниката и ќе биде под мониторинг – ни изјави д-р Адела Поп Стефанија, гинеколог и раководителка на одделот за патолошка бременост на оваа клиника.