Трст виа Подгорица

Податоците на ММФ и Светската банка покажуваат дека растот во регионот, доколку би се имплементирале мерките за регионална економска интеграција, би изнесувал над 4% годишно, во периодот 2018-2022 година, што би резултирало со поголем номинален БДП регионално, за 15-17 милијарди евра, со тенденција за раст и по 2022 година.

508

Трст е град кој стои запечатен како значаен во колективната меморија на многумина – освен слободната зона на Трст цели седум години, сѐ до 1954 година, за многу луѓе првата асоцијација за градот веројатно е како место за купување фармерки долги години во минатиот век. Но Трст беше и многу повеќе – место за културолошки и идентитетски размени, гранично место кое не беше доживувано како место на бариера и поделба, туку, напротив, како место на зближување и контакт. Впрочем, Трст долги години не беше само омилената шопинг-дестинација во поранешна Југославија, туку и своевидна порта на Југославија кон Западот.

Можеби потајно, токму тоа беше и една од причините зошто минатата година во Коморскиот инвестициски форум се одлучивме седиштето на Генералниот секретаријат да го отвориме токму во Трст – да го направиме првиот пробив кон отворањето на портите на заедничкиот европски пазар за земјите од Западниот Балкан. Во моментот, со население од речиси 18 милиони луѓе, економиите од регионот генерираат приближно 88 милијарди американски долари на БДП, а во однос на нивото на развој, едноставниот просек на БДП по жител е 1/3 од просекот на ЕУ28.

Затоа, економската интеграција на регионот, кон која треба да придонесат активностите на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), може да придонесе за значително зголемување на економскиот раст на државите од регионот. Имено, податоците на ММФ и Светската банка покажуваат дека растот во регионот, доколку би се имплементирале мерките за регионална економска интеграција, би изнесувал над 4% годишно, во периодот 2018-2022 година, што би резултирало со поголем номинален БДП регионално, за 15-17 милијарди евра, со тенденција за раст и по 2022 година.

Веќе се наѕираат првите конкретни активности за отворањето на оперативната канцеларија на КИФ во Подгорица, како продолжување на активностите на полето на регионалната интеграција – при тоа, седиштето во Трст ќе остане фокусирано на проектите кои ги спроведува КИФ, а од Подгорица ќе се координираат оперативните активности. Целта останува иста, унапредување на конкурентноста на економиите на земјите од Западен Балкан и исполнување на економските критериуми за пристапување кон Европската унија, преку зајакнувањето на регионалната економска соработка и нивната интеграција во Европската унија и на глобалниот пазар. Без оглед на сѐ, Трст останува да ни биде отворената врата кон некој поубав свет.

п.с. Изминатиов период две од најзначаните банки во државата прославуваат значајни јубилеи – Стопанска Банка АД Битола одбележува 70 години, а Шпаркасе Банка Македонија одбележува 10 години успешно работење – процесите на регионална интеграција и унапредување на меѓусебната размена нема да бидат возможни без партнерството на банкарскиот сектор, како поддршка во процесот на рушење на трговските бариери кои сѐ уште ги имаме.

п.п.с. За денеска вонредно закажавме седница на Управниот одбор на Комората, на која ќе се разгледаат прашањата поврзани со предложените мерки за воведување на прогресивно оданочување и ефектите што може да ги предизвикаат врз работењето на деловните субјекти. Во меѓувреме, во текот на денешниот ден од Министерството за финансии ќе побараме појаснувања и детални информации за планираните мерки.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...