Ако тоа некому муе важно, по табиет не сум ни многу сомничав, ни скептичен, па нема зошто да бидам и евроскептичен. Напротив. Но, не сум ни љубител на бриселска шеќерна волна полна бирократски фази од кои лесноверните би требало да заклучат дека само што не не примиле во Европската унија. Ќе протечат многу води – и балкански и европски – ќе мине време, кога ќе здивнеме задоволно на крајот на патот. Тоа не значи дека треба да кренеме раце, ами упорно да врвиме по тој пат, без многу таламбаси, а со повеќе резултати кои нé доближуваат до целта. Нема пат што нема крај, само да не се поплочува со празни фрази. Со такви (фрази) не беше скуден и сé уште актуелниот европски самит во Софија.
Сега барем, не сме заборавено ќоше на Европа: Балкан сме, ама Западен и со реални шанси да се придружиме на големото европско земејство. Некои бабаити (што балкански, што европски) го направија тоа прекутрупа, нам ни преостана трпеливоста. Трпение – спасение, така ли беше? Зашто, на очи е работата дека проширување нема да има во блиска иднина (не само за нас, ами за регионот во целина) и дека тој стремеж е долгопругашки. Најуверливиот доказ за ваквото очекување доаѓа од самата Европска Унија: пред петнаесет години, ехееј, на самитот во Солун на ,,шведската маса” на Балканците им беа сервирани убави и остварливи шанси за приклучување кон Унијата, ама, ете, не се стаса да се остварат тогашните очекувања. Едноставно: искрснаа непредвени и неочекувани проблеми, чиешто решавање го потисна во заднина прашањето на проширувањето.
И деновиве во Софија, уште понагласена посветеност кон Западен Балкан.
Тоа, за жал, не значи дека и самата Унија е подготвена за проширување. По вторпат во последниов месец, сега во присуство на западнобалканските лидери во Софија, францускиот претседател Макрон рече: ,,Треба да се поддржат земјите кои спроведуваат реформи и напредуваат кон Европа. Меѓутоа, не сум за проширување пред продлабочувањето и спроведувањето на реформите во Европската Унија што би овозможиле подобро функционирање на Унијата.” Макрон отворен укажа дека изминатите години, кога во фокусот било проширувањето, ослабела Европската Унија. Затоа не би било полезно ниту за ЕУ, ниту за земјите претсендентки за влез во Унијата, да се воспостават механизми без правила и што водат само кон проширување. Што, според Макрон, не значи дека дека не треба да зајакне стратешкиот дијалог со Западен Балкан и да се отвора неговата европска перспектива.
Кога е во прашање динамиката на прием во европското семејство, еден пример од најблиското соседство е мошне илустративен. На Црна Гора (впрочем како и на Србија) како најбрз рок за прием јавно им беше спомната 2025 година. Нема кој да не се сомнева дека тоа е тешко остварливо, пред се поради спориот тукашен тек на реформите. Црна Гора, на пример, во досегашните преговори отвори дури 30 (од вкупно 35-те) поглавја, но затвори (привремено) само три. По тој терк и со толку млитави чекори, не се стасува во Европа – само од себе.
Реалноста, колку и да ни се брза, е таква. Ќе биде, ама не прекутрупа. Сака засукани ракави, ‘рмбање, пот и знаење. Никако, ама баш никако, да оставиме уште една празнина, да изгубиме уште една деценија. Немаме генерации за губење. Впрочем, националните интереси не застаруваат.Тоа што ни е ветен датум за почеток на преговорите несомнено е многу важно, но не значи дека преговорите се и завршени. Секое утре не е утре, а никогаш не се знае што носи утрешниот ден. Затоа и некои работи не се прават на ,,чесен збор”, ами со триста мурови, ратификации и слични гаранциски салтанати. Најпосле, не се рекло бадијала, од многу дамнешни (императорски) времиња: брзај пополека. Кел-фајде од балончињата со сапуница од еуфорија, за кои однапред знаеме дека пукаат пред очите на дечињата кои им се радуваат? Голема придобивка, во тој поглед, би било и совладувањето на дисциплината меѓусебно плукање, пцуење и вадење очи, која ниту е спортска, ниту олимписка, ами примитивистичка. Тоа, пак, воопшто не ни прилега. Во европските простори постојат центри за изгубени нешта, во кои се сместуваат таквите брлавштини.