Само еден случај на несакана последица од МРП вакцина е пријавен во Министерството за здравство од 1 јануари годинава до почетокот на октомври.
Станува збор за несакана последица која е предвидена според упатствата на производителот, појаснуваат надлежните.
– Најчесто се работи за црвенило на местото на инјектирање на вакцината. И во минатата година бил пријавен само еден случај на несакана последица од МРП вакцина – додаваат од Министерството.
Прва доза на МРП вакцината се дава на возраст 18 месеци, а таа заштитува од мали сипаници, рубеола и заушки.
Во светот, но и кај нас, давањето на оваа вакцина предизвикува многу дилеми, а една од најчестите е онаа за (не)поврзаноста на примањето на МРП вакцината и појавата на аутизмот кај некои деца. Иако поврзаноста научно не е докажана, многу родители во последниве години се во дилема дали да ги заштитат децата со оваа вакцина, која спаѓа во задолжителна во многу земји.
Инаку, според евиденцијата на Институтот за јавно здравје, за три години е тројно намален бројот на пријави од граѓани за несакани реакции од вакцините. Во 2015 година регистрирани се 48 пријави за несакани ефекти од вакцини, додека во 2016 имало 16, а во 2017 само 13 пријави.
– Значителното намалување на несаканите реакции може да се поврзе со воведувањето на поливалентните вакцини од пред три години. Со поливалентните вакцини компонентата на ацелуларната вакцина против голема кашлица ја замени целуларната вакцина која во минатото била причина за повеќе од 90 отсто несакани реакции по вакцинацијата. Во исто време, се намали и бројот на убоди, а со тоа е намалена и можноста за локална реакција на местото на ставањето на вакцината – се вели во извештајот на Институтот за јавно здравје.
Опфатот со вакцината против Хуман папилома вирусот (ХПВ), која беше воведена во 2009 година, досега е 48 отсто, и тоа просечно за сите години наназад. Според бројките во извештајот за имунизација, ХПВ вакцината има најнизок опфат од сите вакцини. Вакцината е безбедна според епидемиолозите, но како и сите медицински средства може да предизвика несакани реакции кои се ретки и обично многу лесни, локални реакции како болка, црвенило и оток на местото на убодот.
Досега во Институтот не се пријавени несакани реакции предизвикани од оваа вакцина. Вакцината против ХПВ се употребува во многу земји во светот, но кај нас одзивот за вакцинација е сѐ уште слаб.
Во извештајот на Институтот за јавно здравје пишува дека опфатот со ХПВ вакцината се движи од 12,1 отсто во Битола, до 100 отсто на територијата на само неколку подрачни единици – Кавадарци, Св. Николе, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Кратово, Дебар и Пробиштип. Опфат понизок од вкупниот опфат во земјата (48 отсто) е регистриран во Тетово, Гостивар, Струмица, Охрид, Скопје и Битола.
Maкедонија е една од првите земји во регионот кои оваа вакцина ја вовеле во редовниот календар за вакцинација.