„Тропски Трамп“: Ги фали бразилските воени диктатори, одобрува политичко насилство и има хомофобични ставови

Болсонаро е познат и по пофалбите на сметка на бразилските воени диктатори, одобрување на политичкото насилство и хомофобичните ставови.

252
ФОТО: EPA / Juan Ignacio Roncoroni

Амазонија гори, а претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро со своите ставови долева масло на огнот. За помалку од една година на функцијата ја разбранува светската јавност.

Поради десничарските идеи го доби прекарот „тропски Трамп“, а ова се шест работи за бразилскиот претседател, кои би требало да се знаат.

Дипломиран артилерец

Жаир Болсонаро е 38. претседател на Бразил. Избран е како кандидат на Социјално-либералната партија, а на должност стапи на 1 јануари 2019 година.

Болсонаро е роден на 21 март 1955 година во местото Глицерио во сојузната држава Сао Паоло.

Дипломираше во 1977 година како артилерец на најпозната бразилска воена академија во Рио де Жанеиро. Следните 11 години служеше во пешадиските и падобранските единици на бразилската армија.

Одметнат војник

Болсонаро на бразилската јавност му стана познат во 1986 година кога на еден бразилски весник му се пожали на ниските плати во армијата и отпуштањето на војници поради дефицит во воениот буџет.

Заработи краткотраен притвор и гнев од воените власти, но и почитување од колегите и нивните семејства.

Неговата воена кариера дефинитивно заврши две години подоцна откако истиот весник го обвини дека планирал бомбашки напад врз воени единици во Рио де Жанеиро, објавувајќи и скици кои наводно ги нацртал самиот Болсонаро.

Вечен пратеник

Болсонаро набрзо се зачлени во Христијанско-демократската партија на Бразил.

Две години беше одборник во градското собрание, а потоа дури седумпати беше избиран за пратеник во бразилскиот Парлмент. Минатата година премина во Социјално-либералната партија, која со неговото доаѓање значително сврти кон десно.

Истата партија го кандидираше и за претсетел на Бразил, а Болсонаро по вториот круг го победи ривалот од Работничката партија.

На еден предизборен собир, беше повреден со нож.

Десничар и популист

Болсонаро низ целата политичка кариера е познат конзервативец и застапник на претежно десничарски идеи.

Во текот на претседателската кампања пропагираше либерализација на бразилската економија, помалку вмешување на власта во економијата, намалување на владините трошоци, помали даноци и „семејни вредности“.

Со своите популистички идеи стекна поддршка од побогатите работници, од средната и високата класа во Бразил.

Контроверзни идеи

Болсонаро е познат и по пофалбите на сметка на бразилските воени диктатори, одобрување на политичкото насилство и хомофобичните ставови.

Има голема поддршка од црквата, а во една прилика изјави дека „не постои секуларна држава“.

Еднаш навреди бразилска пратеничка кога прокоментира дека никогаш не би ја силувал бидејќи е грда.

Болсонаро се залага и за идејата за ригидна контрола на раѓањето помеѓу сиромашното население, со образложение дека „не се доволно образовани за да планираат семејство“.

Поддршка за амазонските фармери

Бразилскиот претседател не е поборник на борбата против климатските промени и заштита на животната средина.

Повеќепати се закануваше дека ќе излезе од Парискиот договор за климата, а обвинуван е и за поддршката што им ја дава на бразилските фармери кои со нелегална сеча на амазонската прашума ги шират своите поседи.

ФОТО: EPA / Juan Ignacio Roncoroni

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...