Конференција за новиот начин на финансирање на високото образование, што ќе го замени веќе неефикасниот и стар 40-ина години, беше организирана денеска на Филозофскиот факултет на УКИМ.
Во подготовката на новиот модел на финансирање, кој треба да произлезе и како обврска од донесениот Закон за високо образование пред една година, учествуваа и странски експерти.
– Најважно е дека усвоивме нов Закон за високо образование кој е по мерка на академската и наставно-научната фела. Сега на ред е формирањето на институциите, органите и телата кои овој закон ги налага. За жал, од 1980-тите не се направени никакви модификации иако тоа било нужно. Сега идејата е моделот на финансирање да се модифицира и новиот концепт да има три столба – истакна министерот за образование и наука Арбер Адеми.
Првиот столб подразбира исплата на фиксен буџет за секоја високообразовна установа кој се пресметува според бројот на студенти и реални трошоци за студирање, број на издадени дипломи, број на професори, објавени научни трудови… Се работи за истиот основен износ кој факултетите го добиваа и досега, но сега се прецизираат критериумите врз основа на кои ќе се добива и за кои ставки ќе треба установите да го распределуваат.
Вториот столб предвидува финансирање врз основа на договори помеѓу МОН и секоја високообразовна установа, а со цел финансирање на претходно заемно договорени активности за остварување национални цели и подобрување на резултатите на одредена високообразовна институција. Тука ќе се следат одредени показатели за успешноста во нивното работење и реализацијата на предложените проекти и активности.
Третиот столб е наречен иновативен фонд, односно универзитетите ќе добиваат средства за финансирање иновативни проекти и програми кои самите тие ги предлагаат до МОН, а се поврзани со наставата, со капацитетот за истражување на установата и слично.
Најголем удел во вкупното финансирање (80 проценти) носи првиот столб, вториот 12,5 и третиот столб 7,5 отсто.
– Идејата е да направиме реформа со одвојување на повеќе средства од оние кои досега се двоеле за високо образовните установи и да ги мотивираме установите да се залагаат што повеќе за добивање поголеми буџети – рече Адеми, истакнувајќи дека целиот процес во утврдување на моделот се одвива транспарентно и дека МОН настојува да ги слушне ставовите на сите засегнати страни.
Биљана Ангелова, проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, рече дека на новиот модел за финансирање на високото образование во земјава се работи повеќе од пет години и дека УКИМ е вклучен во дебатите. Според неа, важно прашање во првиот столб, чиј удел е најголем во финансирањето, е како ќе се пресметува цената по студент. Се надева дека ова за нив, како што рече, најголемо непознато во новиот модел на финансирање, ќе се реши со формирање на Националниот совет за финансирање на високото образование.
– Треба да се определи цената по студент, бидејќи од тоа ќе зависи масата на средства, најголемиот процент којшто ќе се префрла на универзитетите врз основа на број на запишани студенти – истакна Ангелова.
Деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев изјави дека идејата да ја организираат конференцијата е со цел да се смени застарениот начин на финансирање зашто од него зависи и квалитетот и развојот на високото образование. Истакна дека поради ниските плати професорските работни места се неатрактивни и често на конкурсите немаат ниту еден кандидат. Платата на доцент кај нив, рече, е 500 евра, а на други факултети е и пониска.
– Се соочуваме со застарено мислење дека професорите на универзитетите се добро платени, а од друга страна на конкурсите за вработување нов кадар не се пријавува никој. За плата од 500 евра некој да инвестира 5.000 евра за докторски студии, да патува во странство и да се усовршува е речиси невозможно. Мотивацијата за професорите паѓа и затоа целта ни е да дискутираме за сите овие проблеми и да најдеме модус за некое почетно подобрување – истакна Дуев.
Во оваа пригода министерот Адеми рече дека се обезбедени средства за зголемување на платите на вработените во високото образование од пет проценти од септември.
– Сигурно дека не е доволно, но сепак е еден позитивен тренд и настојуваме тој да продолжи во иднина – додаде Адеми