2020 година ќе биде политичка година, кога и да се одржат парламентарните избори наредната година. Од осамостојувањето на земјава па наваму, што и да се случуваше на економски план, годините беа доминантно политички, па дури потоа некои од нив (делумно) беа и економски години. На телевизиските екрани веќе одат неформални партиски дуели, а уште официјално не се почнати предизборните кампањи. Во ваков амбиент, јас имам три пораки за 2020 година.
Прво, потребна ни е тотална деполитизација на општеството. Македонската историја покажува дека ова е полесно да се каже отколку да се случи, но мислам дека е дојдено крајно време победникот на изборите ова навистина да го направи. Тоа веројатно е најголемото поединечно добро што некој може да го направи за ова општество. Тоа ќе значи свртување кон меритократија, кон избор и поставување професионалци на соодветните места за кои ги имаат потребните знаења и искуство. Така ќе се сочува и онаа мала надеж за младите, дека ако си вреден, си се потрудил и си стекнал знаења и вештини, имаш шанса, затоа што си квалитетен за тоа што се бара и заради ништо друго. Тие, таквите, кои сонуваат за таква шанса, се оние кои што земјава по ниту една цена не смее да дозволи да ја напуштат. Деполитизацијата на општеството ќе значи и борба и победа против популизмот. Само така ќе се смени менталната матрица на граѓаните и ќе се постават нови вредности и стандарди во општеството. 2020 година конечно нека биде година во која деполитизацијата на македонското општество ќе започне, а потоа и релативно брзо ќе заврши.
Второ, потребна е целосна инклузивност во развојните процеси на земјата, а во тој контекст и на економијата. Тоа значи ставање во погон на сите расположливи ресурси. Нашава земја е мала, има скудни ресурси и не може, како што можат големите земји, да си го дозволи луксузот да не ги искористи целосно расположливите ресурси. Ставот на секој добронамерник може да помогне. Во еден поширок контекст, тоа значи да се слушне и гласот на бизнис заедницата и да се размисли за она што таа го бара. Не смее да се заборави дека приватниот сектор е тој што доминантно создава нова вредност, се разбира, во амбиентот што го создава државниот сектор. Македонската бизнис заедница е жилава, поминала и сито и решето, ќе преживее, ама не е тоа поентата. Мора да се има истенчен сензибилитет за барањата на бизнис заедницата, за нејзините разновидни укажувања во однос на регулативата, можните решенија, итн. Треба да се поедностави економскиот амбиент, да се создаде простор за ослободување и насочување на креативната енергија што овие простори ја имаат. Потребно е да се следи логиката на здравиот разум и тогаш ќе има уште повеќе инвестиции, домашни и странски, нови работни места, забрзан економски раст, повеќе пари во државниот буџет, постабилен пензискиот фонд, повисок животен стандард.
Трето, треба да се минимизираат краткорочните потези и врвен приоритет да добие сé она што значи долгорочна визија, долгорочна економска политика, долгорочна одржливост. Отсекогаш верувам дека секоја генерација има цивилизациска должност за идната генерација што доаѓа да обезбеди подобра стартна основа отколку што самата ја имала. Затоа ни е потребен добар образовен систем, добро здравство, добра инфраструктура и добар енергетски систем, столбовите на долгорочниот економски раст. Ништо од ова не може да се поправи набрзина, но може на подолг рок, ако знаеме што точно сакаме и имаме добар план како тоа да го направиме. Јас верувам дека можеме!
Конечно, некој ќе се запраша – а кому му се упатени овие пораки? Јасно е. Упатени се и на победникот и на поразениот на парламентарните избори во 2020 година, кој и да биде тоа. Едниот ќе биде директно во позиција да ги прави работите, а другиот ќе може да биде разумен и конструктивен, но и остар принципиелен критичар. Македонија веќе нема време за чекање. Го истрошивме изминативе децении.
СРЕЌНА НОВА 2020 ГОДИНА!
(Авторот е главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија
за економски прашања)
Извор: Стопанска комора на Македонија