Три години од  „Диво насеље“

156

Денеска се навршуваат три година од оружената пресметка во кумановската „Диво насеље“, која траеше два дена, при што животот го загубија осум припадници на Министерството за внатрешни работи, додека четириесетина беа тешко повредени.

Во престрелките животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ кои посмртно беа одликувани со „Медал за храброст“ за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

Во оружената престрелка покрај осумтемина припадници на полициските сили, беа убиени и 10 припадници на вооружената група.

За настаните во „Диво насеље“ од февруари 2016 година во Кривичниот суд се водеше судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „Терористичка организација” и „Тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Случајот подоцна се спои со „Молња“ во кој се водеше постапка против осум лица помагачи на вооружената група од „Диво насеље“, со што бројот на обвинети се искачи на вкупно 37.

Јавното обвинителство покрена постапка за приведените во акцијата во Куманово откако МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против определен број лица за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“.

Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, 33 лица беа осудени за делата, а за четири лица е донесена ослободителна пресуда.

Кривичниот суд во ноември 2017 година на казна доживотен затвор осуди осуммина обвинети за терористичкиот напад во кумановско Дива Населба, а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор.

На казна затвор од 20 години се осудени петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години.

Пресудата за овој случај требаше да биде донесена на 17 октомври, но беше одложена поради локалните избори на барање на МВР.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...