Трифуновиќ до Вучиќ: На претседател не му доликува своите граѓани да ги нарекува ѓубриња, кретени, крадци

1334

Претседателот на опозициското Движење на слободните граѓани (ПСГ) Сергеј Трифуновиќ, во отворено писмо до Александар Вучиќ, оцени дека на претседател на една држава не му доликува своите граѓани да ги нарекува „талог на општеството“.

– За време на Вашето гостување на ТВ Прва на 21 февруари, неколку пати ме спомнавте и ме ставивте во категоријата на „талог на едно општество“ (едно многу чесно друштво, имајќи предвид кого вброивте таму), а се поради објава на Твитер налог. На претседател на една држава не му доликува своите граѓани да ги нарекува талог, ѓубриња, кретени, крадци … Дури и кога е неопходно да го коментира неуспешниот актер и зависник од дрога, простак на кој му смрди од устата и кој краде пари од болни деца. Бидејќи Вие сте сепак претседател, обврзан со Уставот, пишува Трифуновиќ во отвореното писмо.

Критиката на системот понекогаш се изразува преку иронија, главно на Твитер, бидејќи посочувањето на дефектите на системот може да се постигне само преку тој медиум, бидејќи сите други се пребукирани со вашата појава, објасни Трифуновиќ.

Трифуновиќ оцени дека Вучиќ честопати, или секојдневно, одредени луѓе ги нарекува „крадци“.

– Вие, како „најдобар студент по право“, знаете дека прикривањето и пријавувањето на кривични дела е исто така кривично дело. Затоа, би сакал да Ве замолам како врвен правник и како претседател кој е посветен на почитување на Уставот и законите, да ги пријавите Вашите сознанија. Нема потреба тоа да го изнесувате на телевизија, туку како најдобар студент по право, еднаш и практично искористите го стекнатото знаење на дипломиран правник. Но, ова сега е помалку важна тема. Ако не ве научија за шест години на студирање и мене нема да ми појде од рака со едно писмо, наведе Трифуновиќ.

Тој се осврнува и на случајот со честитките до премиерката Ана Брнабиќ околу породувањето на нејзината партнерка.

– Почитуван претседател, за време на телевизиското гостување неколку пати го спомнувавте Уставот. Согласно Уставот и законот на Србија, не разбирам што и честитавте на г-ѓа Ана Брнабиќ? Дали таа е привилегирана во однос на другите граѓани на ЛГБТ популацијата во Србија? Вие и честитавте и на г-ѓа Ѓурѓиќ, дали може да ни го објасните нејзиниот статус? Самохрана мајка? Ве прашувам сето ова, бидејќи има и граѓанки кои исто така би сакале, но не знаат на кој начин да се стекнат со правата што им ги признавте на горенаведените дами…., пишува Трифуновиќ во отовреното писмо објавено од ПСГ.

Во сличен контекст за Александар Вучиќ денес се огласи и неформалниот лидер на граѓанските протести „Еден од пет милиони“ Бранислав Трифуновиќ кој за весникот „Данас“ изјави дека во светот не постои претседател кој за време на својот мандат толку многу правел поделба меѓу луѓето, кој постојано шири омраза и поради своите интереси е подготвен да го раскара народот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...