Трипуновски го претстави тимот од 12 советници

Моите советници нема да ги чинат граѓаните ниту еден денар, рече дополнителниот заменик-министер за земјоделство.

1279

Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска го претстави својот тим советници кои, како што рече, заедно со него ќе ги донесат промените во земјоделскиот сектор.

–  Од денеска почнува подготовка за обнова на Македонија. Земјоделците од денеска во ВМРО-ДПМНЕ имаат заштитник и партнер, кој ќе работи во нивна корист. Воден од смислата за создавање подобри услови и поквалитетни земјоделски политики формирав Совет на земјоделци и Совет на професори експерти, кои ќе ме советуваат и работат во корист на земјоделците – изјави Трипуновски.

Советот на земјоделци, посочи тој, е составен од шест члена меѓу кои земјоделци и земјоделски лидери од цела република, додека Советот на професори експерти ќе биде составен од шест члена професори, експерти и докажани луѓе во своите области.

– Моите советници нема да ги чинат граѓаните ниту еден денар – рече Трипнувски.

Советот на земјоделци го сочинуваат Златко Стојчев лозар-овоштар од Росоман, Драги Памуков градинар од село Куклиш, Струмица, Драгољуб Гаврлиов оризар од село Чешиново, Зоран Илиевски овоштар од Ресен, Митко Јанков сточар од село Ораовец од Велес и Николче Илиевски тутунар од Село Добрушево од Могила.

Советот на професори експерти го сочинуваат професорите Драги Димитриевски од Земјоделски факултет, Златко Трајанов од Шумарски факултет, Миле Јакимовски, Трпе Ристовски од Ветеринарен факултет, како и Владимир Џабирски и Тошо Арсов од Земјоделски факултет.

Во однос на тоа дека сепак е заменик-министер во техничка влада, Трипуновски рече дека првенствено ќе се обиде да спречи манипулација и притисоци врз земјоделците во насока на подготовка на фер и демократски избори.

Прашан за кривичната пријава за злоупотреба на службената должност, Трипуновски рече, дека изминатите три години СДСМ фингирале кривични пријави и оцрнувале имиња од опозицијата и дека не се чувствува виновен.

– Ако имаше било каков доказ имаа три години да докажат дека имам вина во моето минато и да поднесат соодветна пријава. Сите овие работи што ги кажувате се само реваншизам на СДСМ кон опозицијата – изјави Трипуновски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...