Основното јавно обвинителство Тетово донесе nаредба за спроведување на истражна постапка против три лица за сторено кривично дело – предизвикување општа опасност, како и за кривично дело недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, соопшти Обвинителството.
– За двајца осомничени, кои при инцидентот користеле автоматско оружје кое на граѓаните им е забрането, поведена е истражна постапка за сторено кривично дело – предизвикување општа опасност од чл.288 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, како и за кривично дело недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 ст.2 во врска со ст.1 од Кривичниот законик. Едниот од овие двајца осомничени е во бегство и не е достапен на органите на прогонот, стои во соопштението.
За останатите осум пријавени лица за кои постои сомнение дека биле инволвирани во инцидентот ќе биде поведена скратена постапка за сторено кривично дело – предизвикување општа опасност од чл.288 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.
Настанот се случил на 30.11.2018 година, пред казино во Тетово, кога четворица осомничени вработени во агенција за обезбедување од една страна и останатите осомничени од друга страна дошле во конфликт заради изгубени пари во казиното во износ од 3.600 евра од еден од осомничените. Притоа со автоматски пушки и пиштоли, предизвикале значителна опасност по животот и телото на луѓето и тоа на место каде што биле собрани поголем број луѓе.
Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за петтемина осомничени за кои беше донесена наредба за спроведување истражна постапка. Од страна на судијата на претходна постапка ваквиот предлог беше прифатен и на осомничените им е определен притвор во траење од 30 дена. За осомничениот кој е во бегство мерката ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода.