Францускиот претседател Емануел Макрон од говорницата на американскиот Конгрес остро го критикуваше национализмот и побара од САД да се приклучат на Франција во обликувањето на заеднички одговори на глобалните закани.
Зборувајќи пред Конгресот, потпретседателот Мајк Пенс и неговата сопруга Брижит, Макрон ги повика САД да се приклучат на Франција во борбата против национализмот кој го „распарчува светот“, изграден по Втората светска војна.
Сметајќи дека мултилатерализмот е одговор на критичното опкружување создадено од национализмот, тој додаде дека заедничкото дејствување „нема да ги засени националните култури или идентитети”.
Тој, исто така истакна дека „масовната дерегулација и екстремниот национализам” нема да ги решат проблемите со нееднаквоста создадени од глобализмот.
– Јас не ја споделувам фасцинацијата за новите моќни сили, напуштањето на слободата и илузијата на национализмот, истакна францускиот претседател во американскиот Конгрес.
– Ние можеме да избереме изолационизам, повлекување и национализам – и тоа е опција. Може да не искушува како привремен лек за нашите стравови. Но, затворањето на вратата за светот, нема да ја спречи еволуцијата на светот, потенцираше Макрон.
Францускиот претседател повика на внимателност, кога е во прашање Иран, поради можноста од војна на Блискиот Исток.
– Ние не треба да се откажеме од нуклеарната спогодба на Иран без да добиеме нешто суштинско за возврат, оцени Макрон.
Договорот со Иран е едно од клучните прашања за кои тој и американскиот претседател Доналд Трамп разговараа за време на неговата посета. И покрај „блиските односи” меѓу двајцата лидери, Трамп вчера повторно се изјасни против договорот, нарекувајќи го „луд” и „смешен”.
Својот говор во Конгресот Макрон го започна со истакнување на блиските односи кои ги поврзаа САД и Франција низ историјата.
Враќајќи се на основачите на Соединетите Американски Држави и на Француската република, тој рече дека двата народа имаат исковано нераскинлива врска преку демократските вредности.
Тој истакна дека Франција и САД имаат заеднички „идеали за слобода, толеранција и еднакви права”, но исто така споделуваат и „болни сеќавања.
Потсетувајќи на терористичките напади во Франција и САД, Макрон вети дека двете земји „заедно ќе се борат против тероризмот“.
Врз основа на овие заеднички вредности, Макрон побара од западните земји „да ја забрзаат својата игра” за да го одржат трајниот принцип воспоставен по Втората светска војна.
Тој повика на начини за решавање на нееднаквостите создадени од глобализацијата, нападите врз демократијата и заканите со кои се соочуваат демократиите од „новите сили и криминални држави”.
Францускиот претседател, исто така, побара од САД да и се приклучат на Франција во изградбата на „светски поредок од 21-виот век”.
Користејќи го скандалот на Фејсбук, кој се однесува на неправилно користење на податоците на милиони корисници на социјалните мрежи од страна на Кембриџ Аналитика како појдовна точка, тој ги повика САД и ЕУ да создадат свет во кој подобро се заштитени дигиталните информации и податоци на граѓаните.
Конгресната говорница Макрон ја искористи и за да се осврне на трговската војна која ја започнаа САД , воведувајќи дополните даноци на алуминиумот и челик и порача дека на светот му треба „слободна и фер трговија”.
– Комерцијалната војна ќе ги уништи работните места, а средната класа ќе мора да плати за тоа – оцени Макрон.
Францускиот претседател, исто така, зборуваше за моменталната состојба на планетата Земја.
Тој рече дека загадувањето на океаните, емисиите на стакленички гасови и нарушувањето на биолошката разновидност „ја убиваат планетата”.
– Не постои планета Б – потенцираше шефот на француската држава.
Макрон го одржа говорот на последниот ден од тридневната посета на САД, каде што разговараше за низа прашања, вклучувајќи ја иранската нуклеарна програма, граѓанската војна во Сирија, борбата против тероризмот и однесувањето на Русија.
Макрон го одржа говорот точно 58 години по оној што го одржа пред американските конгресмени тогашниот француски претседател Шарл де Гол.
На говорот на Макрон присуствуваа стотици членови на двата дома на Конгресот, а по говорот три минути му аплаудираа. Некои од нив дури и извикуваа „Да живее Франција“. И сопругата на Макрон, Брижит, беше поздравена со стоечки аплауз во моментот кога влезе во салата.